Ramin Abdullayev,Ekip
15 Јули 2021•Ажурирај: 16 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Настаните во ноќта на 15 јули 2016 година се победа на доброто над злото, на правдата над беззаконието, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Големото народно собрание на Турција, денеска, по повод петтата годишнина од обидот за пуч на терористичката организација ФЕТО е одржана пригодна програма.
Ердоган во обраќањето истакна дека никој нема право да го потценува значењето на борбата која во тоа време храбро ја водеше турскиот народ.
„Никој, особено оние кои служат под овој ценет покрив на државниот Парламент, нема право да ја намали вредноста на чесната борба на народот во ноќта на 15 јули“, рече Ердоган.
Тој додаде дека борбата на турскиот народ против пучот на 15 јули претставува вистинска победа на правдата над угнетувањето.
„Имено, 15 Јули е името на победата на вистината над заблудата, правдата над угнетувањето, стабилноста над пропаста“, рече турскиот претседател, и додаде:
„Епот од 15 Јули е извор на заедничка гордост за сите нас. Шехидите на 15 јули се претставници на борбата против суеверието, суровоста и богохулието“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека турскиот народ остварил голема победа против пучистите на ФЕТО во ноќта на 15 јули.
„15 Јули е, всушност, победа на народот, националната волја и на оние кои го посветиле своето срце на демократијата“, рече Ердоган.
- ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција -
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.