Mehmet Tosun
12 Февруари 2021•Ажурирај: 15 Февруари 2021
РИЗЕ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција ги зголемила буџетските издвојувања за универзитетите од 2,5 милијарди на 36 милијарди турски лири, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган имаше обраќање пред учесниците на свеченоста во Ризе на која се отворени додатни објекти изградени на Факултетот за инженерство и архитектура и Педагошкиот факултет во тој турски град.
„Кога дојдовме на власт, за нашите универзитети од буџетот се издвојуваа 2,5 милијарди лири, а до оваа година таа ставка ја зголемивме на 36 милијарди лири“, изјави Ердоган.
Истакнувајќи дека и понатаму постојат кругови кои не сакаат развој на универзитетите во Анадолија, Ердоган изјави дека најдобриот одговор на тие кругови ќе бидат големите успеси кои тие универзитети ги остваруваат на домашен и меѓународен план.
„Во периодот пред нас на врвот на листата на приоритети ќе ги ставиме семејството, образованието, културата, уметноста и сите поврзани области“, изјави Ердоган.
Турција неодамна го соопшти планот за развој на Националната вселенска програма, а Ердоган денеска во Ризе изјави дека тој план и поставувањето на високи цели во таа област ги израдувале сите кои во срцето негувале љубов кон Турција.
Тој изјави дека постојат кругови кои се радуваат на секој проблем со кој Турција се соочува и го омаловажуваат секој нејзин успех.
„Кога еден ден ќе испратиме наше летало и астронаути во вселената, веќе можам да слушнам како тие кругови зборуваат зарем не ни била доволна Земјата“, изјави Ердоган, и додаде дека Турција никој не може да ја одврати од нејзиниот пат на развој, вклучувајќи го и развојот на вселенската национална програма.