Faruk Zorlu
03 Март 2023•Ажурирај: 04 Март 2023
АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека од разорните земјотреси што го погодија југот на земјата минатиот месец урнати се или тешко оштетени над 214.000 згради, јавува Анадолу.
„Во овој момент, утврдивме 608.000 независни секции во 214.000 згради кои се урнаа или се сериозно оштетени и ќе бидат срушени“, рече Ердоган на состанокот во Истанбул со високи претставници на власта, меѓу кои и потпретседателот Фуат Октај, претседателот на Парламентот, Мустафа Шентоп, директорот за комуникации при Претседателството, Фахретин Алтун, и владините министри.
„Штом ќе се заврши проценката на штетите, ќе стане појасен бројот на нови станбени згради и домови што ќе треба да се градат во градовите погодени од земјотресот“, додаде Ердоган во обраќањето на состанокот на „Турскиот национален штит од ризик“ во Претседателскиот кабинет во Долмабахче.
„Новите згради нема да бидат повисоки од три или четири ката над приземјето“, истакна турскиот претседател.
„Наша цел е да ги оживееме нашите антички градови со разбирање што ќе ги одржува живи нашите историски и културни добра, а исто така и ќе ги зајакне против катастрофи.“
Во земјотресите со магнитуда од 7,7 и 7,6 степени по Рихтеровата скала, што на 6 февруари ги погодија јужните делови на земјата, загинаа над 45.000 луѓе. Епицентарот на земјотресите беше во турската област Кахраманмараш, а погодени беа уште 10 турски области – Хатај, Адана, Газиантеп, Дијарбакир, Адијаман, Малатија, Килис, Османије, Елазиг и Шанлиурфа.