Orhan Onur Gemici
06 Јули 2023•Ажурирај: 06 Јули 2023
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, синоќа телефонски разговараше со холандскиот премиер Марк Руте, јавува Анадолу.
Ердоган и Руте разговарале за билатералните односи, процесот за членство на Шведска во НАТО, провокативните „акции“ против Куранот во Европа и регионалните и глобалните прашања, соопшти Канцеларијата за комуникации при Претседателството на Туркије.
Наведувајќи дека следната година се одбележуваат 100 години од Договорот за турско-холандско пријателство, Ердоган изрази уверување дека билатералните односи ќе бидат крунисани со посети на високо ниво.
Разговарано е и за процесот за членство на Шведска во НАТО, а претседателот Ердоган рекол дека Шведска презела чекори во вистинска насока со измените на антитерористичкото законодавство, но дека поддржувачите на терористичката организација ПКК/ПЈД/ЈПГ продолжуваат слободно да организираат демонстрации воздигнувајќи го тероризмот.
Ердоган, исто така, истакнал дека легитимизацијата на нападите на светата книга на муслиманите, Куранот, во Шведска, под закрила на слободата на изразување, не може да се прифати и дека таквиот чин претставува „злосторство на изразување“.
За време на телефонскиот разговор двајцата лидери се согласиле дека една од најважните точки на дневниот ред на Самитот на НАТО, кој ќе се одржи во Вилнус на 11 и 12 јули, ќе биде руско-украинската војна.