АНТАЛИЈА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска порача дека Европската Унија (ЕУ) не може да ја постигне својата цел да стане центар на моќта без Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не е можно ЕУ да ја постигне својата цел да стане центар на привлекување и моќ без Турција како полноправна членка“, истакна Ердоган во обраќањето на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува во турскиот медитерански град Анталија.
Турскиот претседател рече дека Анкара очекува ЕУ „што поскоро да се ослободи од своето стратешко слепило“ и да го унапреди процесот на пристапување во рамките на позитивната агенда.
„Ние сакаме исход од нашата борба за полноправно членство која, и покрај многуте неправди со кои се соочуваме, трпеливо ја водиме веќе половина век“, додаде Ердоган.
Тој се осврна и на прашањето за нередовните миграциски текови, нагласувајќи дека е невозможно само немо да се набљудува ова тешко прашање.
„Како земји од Југоисточна Европа, немаме луксуз од трибините да набљудуваме што се случува кај нередовните миграциски текови“, рече Ердоган.
Критикувајќи го порастот на расизмот, исламофобијата, антимигрантското расположение на светско ниво, рече дека тоа постепено се претвора во проблем на националната безбедност.
Во Анталија, Турција, се одржува Самит на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој оваа година се организира под претседателство на Турција.
Овогодишниот самит ја одбележа и 25-годишнината од формирањето на ПСЈИЕ.
Учеството на Самитот претходно го најавија осум шефови на држави и девет шефови на дипломатии. На Самитот учествува и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, за кого е предвидено да има свое обраќање, како и билатерална средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„ПСЈИЕ ги обединува Турција, Република Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Србија, Грција, Хрватска, Молдавија и Црна Гора и е симбол на заедничката волја на земјите од регионот за подобрување на меѓусебната соработка и за трајна стабилност во Југоисточна Европа“, наведе турското Министерство за надворешни работи.
Следниот мандат на претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) ќе го има Грција.