Hanife Sevinç,Berk Özkan
27 Јуни 2020•Ажурирај: 28 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција во првите пет месеци од оваа година, и покрај епидемијата, има отворено 520 нови фабрики во индустриските зони, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган преку видео конференција се обрати на церемонијата на свеченото отворање на Проектот за заштита на животната средина „Ергене“ и пробивањето на тунелот „Б“ во западниот турски град Текирдаг, при што говореше за актуелните настани.
Посакувајќи од тунелот да има корист целиот регион на Тракија и Република Турција, Ердоган упати честитки до сите одговорни министерства, институции, компании изведувачи на работите, инженери и работници.
Истакнувајќи дека ова е еден од двата тунела што ќе бидат ископани на тоа подрачје, долги по 10 километри, Ердоган потсети дека тунелот е ископан со машината „Лале“. Станува збор за технологија од домашно, односно турско национално производство.
„Турција е една од осумте земји во светот што ги произведува овие машини. Сите конкуренти во оваа област се развиени земји“, рече Ердоган.
Станува збор за голема машина со пречник од 3,2 метри, која е составена од 12.000 парчиња. Целосно е дизајнирана од турски инженери и произведена од турска компанија.
Нагласи дека Турција, за време на епидемијата, водејќи ја борбата во областа на здравството, не ги занемари ниту значајните инвестиции во областа на развојот на инфраструктурата.
„И покрај епидемијата, во првите пет месеци од оваа година, само во индустриските зони отворивме 520 нови фабрики. Во различни сектори инвестиравме осум милијарди лири“, рече Ердоган.
Како што истакна, со инвестициите во првите пет месеци од оваа година обезбедени се работни места за околу 110.000 турски граѓани.