Muhammed Enes Çallı
05 Јули 2023•Ажурирај: 06 Јули 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес му честита на Јенс Столтенберг за продолжувањето на неговиот мандат на чело на НАТО, пренесува Анадолу.
„Му честитам на мојот драг пријател Јенс Столтенберг за продолжувањето на неговиот мандат како генерален секретар со одлуката на Советот на НАТО“, напиша Ердоган на Твитер.
Тој му посака на поранешниот норвешки премиер континуиран успех во водењето на Алијансата.
„Верувам дека напорите на господин Столтенберг ќе придонесат многу за нашиот сојуз и глобалниот мир, во предизвикувачкиот период со значителни потреби на безбедносно поле“, додаде Ердоган.
И турското Министерство за надворешни работи денес му го честита на Столтенберг продолжувањето на мандатот.
„Ја поздравуваме одлуката на Советот на НАТО за продолжување на мандатот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, до 1 октомври 2024 година“, се вели во соопштението на Министерството.
„Му честитаме на генералниот секретар Столтенберг, кој покажа блиска соработка и солидарност со нашата земја за време на својот мандат“, се додава.
Министерството истакна дека од преземањето на функцијата во 2014 година, Столтенберг работел на зачувување на единството и солидарноста на Алијансата во услови на растечки закани и предизвици, меѓу кои и тероризмот.
„Веруваме дека тој ќе продолжи со потребното лидерство.“
НАТО-сојузниците оваа недела се согласија да го продолжат мандатот на Столтенберг како генерален секретар до октомври 2024 година.
Од 2014 година норвешкиот политичар Столтенберг (64) ја извршува функцијата 13. генерален секретар на Алијансата.
Ова е четврто продолжување на неговиот мандат што требаше да заврши оваа есен.
Туркије е членка на НАТО повеќе од 70 години и може да се пофали со втора по големина армија во Алијансата.