Mümin Altaş
20 Јуни 2021•Ажурирај: 21 Јуни 2021
АНКАРА
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, говорејќи за борбата против коронавирусот (Ковид-19) рече дека во Турција се приближуваат до цифрата од 40 милиони вакцинирани и дека на секој граѓанин му е достапна вакцина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган преку интернет-врска присуствуваше на средбата со 700 млади од 81 турски град, по повод Меѓународниот ден на татковците. Една од темите за кои говореше Ердоган беше и борбата против пандемијата од коронавирусот, поконкретно за процесот на вакцинирање.
„Секој наш граѓанин треба да знае дека има пристап до вакцини, во време кога милијарди луѓе на светот ја немаат таа можност“, рече Ердоган и додаде:
„Во време кога снабдувањето со вакцини е многу тешко, имаме едно многу брзо темпо на вакцинирање благодарејќи им на нашите врски. Моментално сме во добра ситуација.“
Ердоган нагласи дека во полн капацитет продолжуваат со активностите и работата на вакцини од домашно производство. Рече дека целта на Турција е веќе во септември и октомври да започнат со производство.