Diyar Güldoğan
21 Октомври 2022•Ажурирај: 22 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Нема пречки кои би го спречиле продолжувањето на историскиот договор за извоз на жито, потпишан пред четири месеци, така што и руското жито и ѓубрива може да се испраќаат на светските пазари, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нема пречки за продолжување на договорот за испорака. Ова го увидов повторно во мојот телефонски разговор со [украинскиот претседател Владимир] Зеленски синоќа и при мојата средба со [рускиот претседател Владимир] Путин. Но, во меѓувреме, ако има некаква блокада, нема пречка за нас да ја надминеме“, изјави Ердоган за новинарите на враќање од посетата на Азербејџан.
Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина на 22 јули потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше прекинат со почетокот на Руско-украинската војна во февруари.
Страните во моментов преговараат за можно продолжување и проширување на договорот, чие важење истекува на 19 ноември, а се преговара и за вклучување и на извозот на руско жито и ѓубрива.
Ердоган истакна дека во рамките на договорот, заклучно со вчера (четврток), на светските пазари биле испорачани над 8 милиони тони украинско жито со 363 брода, и додаде дека 62 отсто од испораките од Украина биле за Европа, 19,5 отсто за Азија, 13 отсто за Африка и 5,3 отсто за земјите од Блискиот Исток.
Туркије е во близок контакт и со Русија и со Украина од почетокот на војната. Ердоган континуирано ја истакнува својата желба да ги собере Путин и Зеленски на преговарачка маса во Туркије за да се стави крај на војната.
„Не сме безнадежни. Наша надеж е дека ќе продолжиме по патот за мир со средба на двајцата лидери“, додаде турскиот претседател.