АНКАРА
По повод одбележувањето на 83-годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција нема да толерира каков било напад врз нејзиниот интегритет, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Никогаш нема да дозволиме да бидат нападнати интегритетот на нашата земја, опстанокот на нашата држава, единството, мирот и античките вредности на нашата благородна нација“, напиша Ердоган во Книгата на спомени во Антикабир, мавзолејот на Ататурк во главниот град Анкара.
Оддавајќи почит на основачот на земјата и лидер на движењето на независност, Ердоган изјави: „Ќе продолжиме да ја прошируваме и развиваме нашата Република, која ја основавте и ни ја доверивте и ќе ја направиме ѕвезда која сјае во регионот и светот, без разлика на непријателствата во аспирациите на напаѓачите.“
„Со нашите историски успеси постигнати во секое поле, особено во образованието, здравството, безбедноста и индустријата, се движиме кон нашите цели за 2023 година со посветеност“, додаде тој.

Пред да ја напише пораката, Ердоган положи венец на мавзолејот на Ататурк и се придружи на моментот на молк, пред да учествува во Националната химна заедно со неговата делегација во придружба.
Ердоган, говорејќи на церемонијата одржана во Анкара, оддаде почит на основачот на Република Турција и ги искоментира развојните фази на земјата низ кои таа поминувала од почетокот на своето основање.
„Секако дека е важно да се оддаде почит на Ататурк, но главната работа е да се разбере Ататурк следејќи ги трагите на неговата борба и точното идентификување на причините за неа“, изјави тој.
„Во големиот говор (Нутук) беа наведени три цели што треба да се постигнат со основањето на Републиката [од Ататурк]. Ќе ја издигнеме нашата земја на ниво на најпросперитетни и најцивилизирани земји во светот. Ќе направиме нашата нација да имаа најобемни средства и ресурси за благосостојба. Ќе ја подигнеме нашата национална култура над нивото на современата цивилизација“, изјави Ердоган.
„Ова е насоката која Гази [ветеранот] ѝ ја укажа на нашата нација. Не зборови, туку акција. Никогаш не е заборавено дека нашата нова држава, изградена врз основа на супериорноста на националната волја е продолжение на нашата 2.000-годишна државна линија, и покрај сите маки низ кои поминавме. Нашата нација им го покажа на сите пријатели и непријатели фактот дека нашата Република ќе живее засекогаш, бранејќи ја својата држава посилно по секое сопнување“, додаде тој.
„Мустафа Кемал Ататурк активно се бореше секогаш кога беше потребна борба на нацијата за независност и иднина“, нагласи Ердоган, велејќи дека Ататурк, исто така, внимателно ги следел Европа и светот за да биде чекор пред настаните.
„Визијата на Гази Мустафа Кемал е исто така мапата на патот на денешна Турција. Турција денес е во Сирија, Либија и Кавказ. Турција сѐ уште спроведува пионерска дипломатска работа во Европа и светот. Ако има некој во оваа земја кој го прифаќа политичкото, дипломатското, економското и военото наследство на Гази што го опфаќа нашиот регион и светот, тоа сме ние“, изјави тој.
„Со благодарност го одбележуваме сеќавањето на нашите херои кои се жртвуваа на секаков начин, вклучително и своите животи, за да ја направат оваа земја на која живееме 1.000 години, наша татковина. Господ нека ги помилува сите херојски загинати, а на нашите ветерани кои сѐ уште се живи, им посакувам здравје и благосостојба“, додаде Ердоган.

Церемонијата продолжи со концерт во спомен на Ататурк на кој присуствуваа министри, врховни команданти на вооружени сили и официјални лица.
Потпретседателот на Турција Фуат Октај, оддавајќи почит, на социјалната мрежа Твитер објави порака во која наведува дека 83-годишнината од смртта на Ататурк ја одбележуваат со почит, благодарност и милост.
Секоја година на 10 ноември во 9:05 часот по локално време, сирените почнуваат да свират за да ја одбележат смртта на Ататурк, кој почина на 57-годишна возраст, а милиони луѓе низ државата му оддадват двоминутен молк.
Борбата за независност на Турција започна на 15 мај 1919 година, кога беше истрелан првиот куршум врз окупаторските грчки сили.
Неверојатните достигнувања на бојното поле доведоа до турска независност, а Република Турција беше основана на 29 октомври 1923 година.
Ататурк стана првиот претседател на Републиката и беше на таа функција до 10 ноември 1938 година, кога почина во Истанбул на 57-годишна возраст.
Во знак на оддавање почит на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, се одржа церемонија и во турскиот Парламент.
Како дел од традицијата, турскиот народ секој 10 ноември го посетува мавзолејот на Ататурк во Анкара и му оддава почит на основачот на Република Турција.