Ердоган: „Никој нема право целиот регион да го фрли во оган заради лични интереси“
Ердоган: „Турски тек е историски проект и во однос на билатералните односи, и во однос на мапата на енергија, за кои што се вложени големи напори со нашите руски пријатели“
Ali Bayaslan
08 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека турскиот тек е историски проект и во однос на билатералните односи со Русија, и во однос на мапата на енергија, за кои се вложени големи напори со руските пријатели, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган се обрати на свеченото отворање на гасоводот „Турски тек“, со кој рускиот природен гас ќе се пренесе во Турција, и преку Турција во Европа, кое се одржа во Конгресниот центар „Халич“.
Ердоган на почетокот на своето обраќање посака 2020 година да донесе мир за земјите, народите и целиот свет.
„Турски тек е историски проект и во однос на билатералните односи, и во однос на мапата на енергија, за кои се вложени големи напори со нашите руски пријатели. Минатата година одржавме церемонија во Истанбул со мојот ценет пријател Путин за да го означиме завршувањето на морскиот дел од проектот. Благодарение на овој проект, 15,75 милијарди од 31,5 милијарди кубни метри природен гас директно ќе стигне во нашата земја, без да има земја посредник. На тој начин ќе ја исполниме годишната потреба од природен гас на 15 милиони домаќинства“, нагласи претседателот Ердоган.
- „Ќе продолжиме да постигнуваме нови успеси“
Истакнувајќи дека 53 милиони граѓани на Турција активно користат природен гас, Ердоган рече: „Со нашите инвестиции во инфраструктурата овој број се зголемува од ден на ден.“
Ердоган нагласи дека Русија е водечки снабдувач на природен гас на Турција, и додаде:
„Во изминатите 33 години од Руската Федерација овозможивме да пристигне гас од околу 400 милијарди кубни метри. Нашата соработка во областа на енергетиката успешно ги помина сите видови тестови, исто како и тестовите на сите други полиња. Како Турција и Русија, врз основа на оваа соработка ќе продолжиме да создаваме нови проекти и ќе продолжиме да постигнуваме нови успеси. Гледаме дека европските земји покажуваат голем интерес за рускиот гас“, истакна Ердоган.
Претседателот Ердоган, во својот говор, осврнувајќи се на состојбата во регионот рече дека како Турција никогаш не биле за создавање регионални тензии, и дека никогаш нема ни да бидат.
„Во Источниот Медитеран, од економски, правни и дипломатски аспект нема шанси да се реализира кој било проект што ја исклучува нашата земја“, нагласи Ердоган, додавајќи дека не дозволиле несогласувањата со Русија да ги спречат заедничките интереси на двете земји.
Ердоган, исто така додаде дека е зголемена билатералната трговија со Русија.
- „Не сакаме регионот да стане сцена на прокси-војни“
Претседателот Ердоган, во својот говор на свеченото отворање на „Турскиот тек“ додаде:
„Нашата цел е да ја намалиме тензијата и повторно да надвладее разумот. Во нашата географија повеќе никој нема обврска да плаќа нови цени. Тензијата која извесно време продолжува меѓу нашиот сојузник САД и нашиот сосед Иран достигна ниво кое не го посакуваме. Во овој критичен процес, кога се слушаат тапаните на војната, ние се обидуваме да ја намалиме тензијата со користење на сите дипломатски канали.“
Ердоган, истакнувајќи дека како Турција не сакаат Ирак, Сирија, Либан и Заливскиот Регион да бидат региони на прокси-војни, нагласи:
„Никој нема право за сопствени интереси, целиот регион, особено Ирак, да го фрли во еден нов оган. Ќе ги мобилизираме сите средства и нема да дозволиме регионот да се удави во крвта и солзите.“
На церемонијата на свеченото отворање на гасоводот „Турски тек“, која се одржа во Конгресниот центар „Халич“ присуствуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.
Со симболично отворање на вентилот од страна на Ердоган, Путин, Вучиќ и Борисов, започна со работа гасоводот „Турски тек“.
За време на отворањето, на екранот беше прикажана анимација за проток на природниот гас.
Секоја линија на „Турски тек“ одделно има капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас, што претставува вкупен капацитет од 31,5 милијарди кубни метри гас. Од овој момент тие се наполнети со 100 милиони кубни метри гас и подготвени се за комерцијално работење.
Првата линија на „Турски тек“, со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас, ќе обезбедува природен гас за потребите на Турција, додека преку втората линија која е со истиот капацитет, ќе се транспортира гас кон Европа.
Ердоган: „Никој нема право целиот регион да го фрли во оган заради лични интереси“