Merve Gül Aydoğan Ağlarcı,Dilara Hamit
15 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
РИЗЕ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека терористичката организација ПКК не познава граници на подлоста и најави продолжување на одлучната борба до неутрализирање на последниот терорист, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турција неутрализира 42 терористи во нивните скривалишта и пештери за време на првата фаза на операцијата „Канџа-орел 2“ во северен Ирак“, изјави Ердоган за време на конгресот на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија) во црноморската област Ризе.
Порачувајќи им на Соединетите Американски Држави (САД) дека доколку сакаат да продолжат со нивниот сојуз на глобално ниво и во НАТО, тогаш мора да престанат да бидат на страната на терористите, Ердоган ги обвини САД за тоа дека очигледно ги поддржуваат ПКК, ЈПГ и ПЈД и покрај тоа што го тврдат спротивното.
Осврнувајќи се на неодамнешниот терористички напад во кој беа убиени 13 турски државјани од страна на ПКК во северноирачкиот регион Гара, Ердоган изјави: „Крвта на невините луѓе убиени во северен Ирак е на рацете на оние што ги бранат, поддржуваат и сочувствуваат со терористите на ПКК.“
Тој нагласи дека терористичкиот напад не претставува прв масакр врз цивилите од страна на терористите на ПКК, и го повика неговиот американски колега Џо Бајден да ја прогласи за терористичка организација.
Забелешките на Ердоган во кои го критикува Вашингтон се случија непосредно откако Стејт департментот на САД издаде соопштение за инцидентот, велејќи дека САД стојат покрај нивниот сојузник во НАТО, Турција, и изрази сочувство до семејствата на оние што ги загубија своите животи во северен Ирак.
„САД жалат за смртта на турските државјани. Ние стоиме со нашиот сојузник во НАТО, Турција, и изразуваме сочувство до семејствата на загинатите. Доколку јавувањата за смртта на турските цивили од рацете на ПКК, назначената терористичка организација, бидат потврдени, ние го осудуваме тоа во најсилна можна смисла“, се вели во соопштението.
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, во неделата изјави дека телата на 13 турски државјани се пронајдени за време на антитерористичката операција на Турција во северен Ирак.
Турските сили на 10 февруари ја започнаа операцијата „Канџа-орел 2“ со цел да ја спречат ПКК и другите терористички организации повторно да ги воспостават позициите што претходно беа користени за извршување на прекугранични терористички напади во Турција.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.