Kemal Karadağ
03 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анкара порача дека неговата земја на секоја платформа ја повторува поддршката кон територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган утринава отпатува во официјална посета на Украина, а непосредно пред поаѓањето, на Аеродромот „Есенбога“ во Анкара зборуваше за тензиите помеѓу Украина и Русија, како и за други актуелни теми.
„На секоја платформа ја повторуваме поддршката кон територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, со внимание ја следиме ситуацијата помеѓу Русија и Украина“, рече Ердоган.
Зборувајќи дополнително за тензиите помеѓу Русија и Украина, турскиот претседател ги повика сите страни на умереност, како и да се вклучат во дијалогот за да се донесе мир во регионот.
Ердоган го прокоментира и вчерашниот трагичен случај на подрачјето на градот Едрене, каде што се пронајдени телата на најмалку 12 непријавени мигранти кои починаа од смрзнување на отворено, кои грчките власти ги истуркаа назад во Турција.
„Пред сѐ, да се гледа како 12 луѓе умираат од смрзнување е нешто што е апсолутно несфатливо, неприфатливо“, нагласи турскиот претседател.
Ердоган потврди дека израелскиот претседател Исак Херцог во средината на март ќе престојува во Турција.