АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во интервју за португалската телевизија „RTP“ (РТП) порача дека пристапот на САД кон терористичката организација ПЈД/ЈПГ е многу погрешен, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се работи за многу погрешен пристап. Американските офицери соработуваат со таа терористичка организација, Америка, за жал, им отстапи оружје во мошне сериозни количини. Во рамките на тој арсенал има тешко оружје, лесно вооружување, а количината е огромна“, порача Ердоган.
Претседателот на Турција потсети дека и покрај големиот број предупредувања што ги упати при посетата на американскиот претседател Доналд Трамп, САД и понатаму се упорни во спроведувањето на операции кон градот Рака со ПЈД/ПКК.
Тој нагласи дека САД, судејќи според односот и непризнавањето на ПЈД/ПКК како терористичка организација, сега во соработка со терористичката организација влегуваат во Рака.
„Ние порачуваме, ајде тоа да го направиме заедно. Зошто тоа го правите со една терористичка организација? Дали ѝ доликува на силна земја како САД да дејствува заедно со терористичка организација? За нас тоа е неприфатливо. Тоа им го порачавме, но забележавме дека сепак инсистираат. Нам ни преостана да им посакаме среќа. Но исто така им порачавме дека ако дојде и до најмала провокација кон нашата земја, никого нема да информираме ниту да разговараме, ќе го направиме она што е неопходно“, порача Ердоган.
- Нема земја што на вратите на ЕУ чекала долго како Турција
Тој понатаму се осврна на односите на неговата земја со ЕУ, а на прашањето дали Турција сѐ уште сака да стане членка на Унијата, Ердоган изјави дека неговата земја во 1963 година официјално поднела барање за членство во ЕУ, и дека оттогаш чека на вратите на ЕУ.
„Нема земја што на вратите на ЕУ чекала толку долго. Од тој ден до денес, отворени се 14 поглавја, а затворено е само едно. За жал, ваквиот метод ЕУ го користеше само во случајот со Турција“, изјави Ердоган, и додаде:
„Меѓу новите земји кои се примени во ЕУ, всушност нема толку успешна земја како Турција, кога е во прашање одговорот на барањата на ЕУ. Турција е многу поуспешна земја, која направи значајни чекори, и по прашањето на Копенхагенските критериуми и за другите поглавја. Ние тоа го порачавме, ајде да ги отвориме поглавјата и брзо да работиме на нашите недостатоци“.
Тој нагласи дека ЕУ не ги одржала ветувањата што ѝ ги дала на Турција, ни по прашањето на визниот режим, ниту во врска со проблемот на бегалците.
„Во бегалските кампови во Турција моментално престојуваат три милиони бегалци од Сирија и од Ирак. Турција до денес, за потребите на бегалците издвои 25 милијарди долари. ЕУ по тоа прашање не го одржа ветувањето што ѝ го даде на Турција. Ветија дека до јули 2016 година, за бегалците ќе издвојат три милијарди долари, и до крајот на 2016 уште три милијарди долари. Сумата што досега ја издвоија е цели 725 милиони евра“, порача Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека и понатаму стои зад изјавите во коишто одредени влади на европските земји ги спореди со нацистите, и додаде дека методите од периодот на нацизмот постојат и денес, особено кон турските државјани.
„Да се затвори мојата министерка за семејство и социјална политика во автомобил и да не ѝ се допушти да влезе во својот конзулат, што е тоа ако не е наметнување нацизам и фашизам? Како да се објасни недавањето дозвола за слетување на авионот на нашиот министер за надворешни работи? Ако одиме уште понатаму, како да се објасни фактот што одредени членки на ЕУ не допуштаат дури ни да се зборува и не ја почитуваат слободата на говорот“, запраша Ердоган, и додаде дека сѐ додека ваквото однесување на одредени европски земји продолжува, тоа не ќе може да се опише на друг начин освен како нацизам.
- Без Иран е невозможно да се реши ирачкото прашање
Ердоган одговори и на прашањето во врска со изјавата на американскиот претседател Трамп дека: „Иран го дестабилизира Блискиот Исток„Русија, Иран и Турција во Астана работеа заедно во врска со Сирија. Ги повикавме и САД да работиме заедно. Амбасадорот на САД се вклучи во разговорите. Работевме на високо ниво и процесот во Астана продолжува. Секако, тоа не е алтернатива за Женева, но е еден чекор во решавањето на сириското прашање. Тоа е трилатерален механизам на Русија, Иран и Турција. Секако, повикавме тука да бидат и САД, да биде и Саудиска Арабија“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека Турција во некои теми поврзани за регионот не се согласува со Иран, но исто така постојат и теми во кои двете земји се партнери.
„Се работи за тоа дека е потребно да се седне на маса и да се пронајде најидеалното решение за да се реши сириското и ирачкото прашање. Во регионот моментално е невозможно без Иран да се реши ирачкото прашање. Во преговорите треба да биде и Иран. Кога е во прашање Сирија, ни таму не би било од корист ако Иран се држи настрана. Бидејќи, Иран соработува со режимот. Сирија и Ирак се простори на коишто е присутен иранскиот секташки експанзионизам. Но, јас тој секташки експанзионизам го гледам како персиски експанзионизам и морам да нагласам дека сум против тоа“, порача турскиот претседател Ердоган.
Зборувајќи за тероризмот, Ердоган го изрази своето незадоволство поради поврзувањето на исламот со тероризмот. Како што рече тој, терористичките организации ни од далеку немаат каква било врска со исламот.
„ДЕАШ со сигурност е една терористичка организација и нема врска со исламот. Ал-Каеда исто така. Регионот во моментот е преполнет со терористички организации. Ние како муслимани сме против секаков вид на тероризам. Поради тоа сме и против секакво поистооветување на искрен муслиман со некој терорист. Во Европа, во последно време е присутен терминот исламски тероризам, кој ние никако не можеме да го прифатиме. Никој нема право да го користи тој термин, бидејќи исламот во коренот на својот збор има мир, тоа е вера на мирот“, порача Ердоган.
- Муслиман на муслиман не треба да му воведува санкции, особено не за време на месецот на постот, Рамазан
Во врска со дипломатската криза меѓу Катар и останатите земји од Заливот, претседателот Ердоган истакна дека чекорите што се преземаат кон Катар се погрешни.
„Кога е во прашање Катар, станува збор за сериозен заговор и тоа не е убаво. Најголемиот дел од жителите на Катар се муслимани. Овие чекори и санкции кон Катар ги спроведуваат земји кои исто така се муслимански. Муслиман на муслиман не треба да му воведува санкции, особено не за време на месецот на постот, Рамазан. Овој проблем требаше да се реши со дијалог. Ние посакуваме овој проблем да се реши со дијалог пред Бајрам. Саудискиот крал може да направи исчекор, а тоа може да го направи и Советот за соработка на земјите од Заливот. Овој проблем е решлив“, рече Ердоган.
Запрашан дали Турција е подготвена до таа точка да го брани Катар, односно, доколку во регионот дојде до судири, дали Турција е подготвена да влезе во војна, турскиот претседател изјави дека неговата земја не сака да дојде до такво нешто.
Во врска со обидот за државен удар што во јули 2016 година се случи во Турција, односно борбата против терористичката организација ФЕТО, претседателот Ердоган се осврна на некои наводи во одделни Западни земји, дека во Турција се рушат демократските вредности.
„Оние што тврдат дека во Турција се воспоставува еден авторитарен режим, покажуваат непочитување кон Република Турција. Првенствено треба да научат да ја почитуваат Република Турција“, рече Ердоган.
Тој истакна дека таквиот став кон Турција, во ниеден случај не е прифатлив и како таков претставува сериозна неправда кон неговата земја.
news_share_descriptionsubscription_contact
