Diyar Güldoğan
25 Септември 2023•Ажурирај: 25 Септември 2023
АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигна во посета на азербејџанската автономна ексклава Нахчиван на покана на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, јавува Анадолу.
Алиев го пречека Ердоган со официјална церемонија по што следува тет-а-тет средба на која ќе стане збор за билатералните односи, како и за регионалните и глобалните прашања, особено за последните случувања во Карабах. Тие подоцна ќе одржат заедничка прес-конференција.
Двајцата лидери, исто така, ќе присуствуваат на церемонијата за отворањето на гасоводот кој ќе ги поврзува Нахчиван и соседната област Игдир во Источна Туркије, како и на отворањето модернизиран воен комплекс во азербејџанската ексклава.
Анкара и Баку се согласија во 2020 година да доставуваат природен гас од Туркије до азербејџанската Автономна Република Нахчиван, во рамките на меморандумот за разбирање.
Новиот гасовод во должина од 85 километри ќе води од Игдир до Седерек во Западен Азербејџан, со годишен капацитет од 500 милиони кубни метри, односно 1,5 милиони кубни метри дневно.
Проектот ќе се реализира преку партнерство помеѓу компанијата за сурова нафта и природен гас на Туркије БОТАШ и азербејџанската државна нафтена компанија СОЏАР.