Güç Gönel,Zeynep Rakipoğlu
02 Јануари 2021•Ажурирај: 04 Јануари 2021
АНКАРА
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека верува оти Турција со набавката на странските вакцини ќе прескокне важен праг во борбата против коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган говореше на отворањето на мостот „Комурхан“, што ги спојува турските градови Елазиг и Малатија.
Турскиот претседател напомена дека во изминатата година, и покрај пандемијата што го погоди целиот свет, не се откажале од својата политика во служба на граѓаните.
„Во борбата против коронавирусот ги вложивме сите средства за да покрај здравјето на народот, ја сочуваме нивната работа, егзистенција и иднина. Се надеваме дека вакцината, на чиј развој работиме интензивно, најдалеку во април ќе биде спремна за употреба“, рече Ердоган.
Тој истакна дека терористичките организации што делуваат во земјата, како и надворешните притисоци и закани со санкции, се обидуваат да го спречат развојот на Турција.
„Во периодот кога глобалниот политички и економски поредок е занишан од корен, мораме многу повеќе да работиме на тоа нашата земја да ја доведеме во позицијата што ја заслужува“, рече Ердоган.
Тој додаде дека 2021 година сакаат да ја направат година на напредок на сите полиња.