Zeynep Rakipoğlu,Mehmet Kara
17 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека во Турција е обезбедено секој бегалец, без исклучок, да има здравствени услуги, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган се обрати преку видеопорака на Состанокот на високо ниво за миграции и здравство на Европскиот Регион, а кој е организиран во соработка со Светската здравствена организација и Министерството за здравство на Турција.
Говорејќи за пандемијата на коронавирусот, Ердоган нагласи дека таа најмногу ги погодила најранливите категории на секое општество, а особено бегалците.
„Без сомнение, меѓу нив предничат бегалци и нерегуларни мигранти кои мораа да ги напуштат своите земји. Бегалците кои веќе се обидуваат да го одржат животот во тешки услови во земјите во кои мигрирале, поради епидемијата се турнати во втор план, се маргинализирани, па дури и се дискриминирани. Правото на бегалците за пристап до основните здравствени услуги, што е екстремно ограничено во многу земји, во тој процес, за жал, уште повеќе се намали“, рече Ердоган.
Тој истакна дека Турција, обезбедувајќи првокласна здравствена заштита на своите граѓани во овој критичен период, кога хуманоста и човековите вредности се на голем тест, не се двоумела да ги подели сите свои можности кои ги има со другите на кои им се потребни.
Потсети дека Турција пружи медицинска опрема и клучна материјална поддршка за 160 земји и 12 меѓународни организации кои тоа го побарале од Турција во текот на најболните денови од епидемијата.
„Бегалците кои ги примивме во нашата земја не ги одвоивме од сопствените граѓани, обезбедивме сите, без исклучок, да имаат пристап до здравствените услуги. Од првиот ден внимателно го применуваме принципот на ОН „никој да не биде оставен настрана“, рече Ердоган, и додаде:
„До денеска на нашите сириски браќа и сестри во нашите здравствени установи им пруживме 96,7 милиони амбулантски услуги и 3,1 милион услуги на болничко лекување. Изведовме 2,6 милиони операции во нашите болници. Во согласност со нашиот национален календар за вакцинирање, дадовме вкупно 8,7 милиони дози на вакцина. Им помогнавме на 5 милиони бегалци кои во тешки услови живеат надвор од нашите граници“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека епидемијата уште еднаш открила неправди и нарушување во глобалниот систем.
„Очигледно е дека за помирен, постабилен и поправеден свет мораме да извлечеме некои поуки од своите грешки и храбро да се соочиме со проблемите. Вложувањето во здравјето на мигрантите ќе биде потпорна сила за отпорните, инклузивни и хармонични општества. Во светот во кој се занемарува здравјето на бегалците, невозможно е да се постигнат целите за одржлив развој и универзална здравствена покриеност“, порача Ердоган.