Jeyhun Aliyev
14 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
АНКАРА (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц пристигна во Турција во својата прва официјална посета откако ја презеде функцијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го пречека Шолц со официјална церемонија во Претседателскиот комплекс во главниот град Анкара.
Ердоган и Шолц треба да одржат заедничка прес-конференција по индивидуалната средба и средбата меѓу делегациите.
Тие, исто така, се очекува да разговараат за билатералните врски, регионалните прашања и дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина.
„Покрај за билатералните врски, се очекува размена на мислења и за други регионални и меѓународни прашања, пред сè за Украина и односите Турција - ЕУ“, се вели во соопштението на турското Претседателство.
Пред билатералните разговори со Ердоган, Шолц прво го посети „Аниткабир“, мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција, и положи венец на гробот на Ататурк.
Планирано е Шолц да се врати во Берлин подоцна во текот на денот.
По напорите на Турција, рускиот и украинскиот министер за надворешни работи се состанаа во Анталија минатата недела на нивната прва индивидуална средба од почетокот на војната на 24 февруари.
Руската и украинската делегација, исто така, денес одржуваат состанок преку видеоконференција на кој ќе разговараат за прекин на огнот, итно повлекување на војниците и безбедносните гаранции.
Најмалку 596 цивили се убиени и 1.067 повредени во Украина од почетокот на војната, според ОН, од каде што велат дека условите на теренот го отежнуваат потврдувањето на вистинската бројка.
Повеќе од 2,8 милиони луѓе побегнале и во соседните земји, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.