Ferdi Türkten
22 Септември 2020•Ажурирај: 23 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека судбината на човештвото не може да се препушти на волјата на одреден број земји во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), јавува Агенција Анадолија (AA).
„Потребна е брза и темелна реформа на системот на Обединетите нации, почнувајќи од Советот за безбедност. Веднаш на почетокот на епидемијата се појави ситуација во која земјите беа препуштени сами на себе. Тогаш уште еднаш ја видовме оправданоста на тезата „светот е поголем од пет“ на која инсистирам со години“, рече Ердоган во видео обраќањето пред Генералното собрание на ОН, и додаде:
„За спречување на ерозијата на угледот на меѓународните организации треба првенствено да ги ревидираме своите менталитети, институции и правила. Нема да најдеме решение за кризата во Сирија сè додека, како меѓународна заедница, не заземеме еднаков став против сите терористички организации", рече Ердоган.
Тој исто така порача дека вакцините против коронавирусот кои се во фаза на развој треба да бидат достапни за сите земји во светот.
„Без оглед во која земја ќе се произведуваат, вакцините кои ќе бидат готови за употреба треба да бидат послужат за благосостојба на целото човештво“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на прашањата за Блискиот Исток, напоменувајќи дека земјите кои најавуваат отворање на амбасади во Ерусалим дополнително ја комплицираат кризата.
„Турција нема да поддржи ниедно решение што нема да го поддржи палестинскиот народ“, рече турскиот претседател и додаде:
„Од меѓународната заедница и Ирак очекуваме соработка во искоренувањето на терористичката организација ПКК, како што беше случај со ДЕАШ“, рече Ердоган, потсетувајќи, исто така, дека Турција е земја која има примено најмногу бегалци во светот.
„Земјите како што е Турција, кои примија најмногу мигранти во светот, со својата пожртвуваност денес ја чуваат честа на целото човештво“, истакна турскиот претседател.
Коментирајќи ги последните случувања во Источниот Медитеран, порача дека Турција само ги штити своите права во согласност со меѓународните норми.
„Зад тензиите што одредено време се случуваат во Источниот Медитеран стојат земјите водени од логиката дека „победникот добива сè“. Залудните чекори да се изостави нашата земја немаат никакви шанси за успех“, рече Ердоган и се осврна на кипарското прашање.
„Причината за денешните проблеми во регионот се едностраните чекори што ги преземаа Грција и кипарските Грци од 2003 година, водени од максималистичките барања. Предлагаме одржување на регионална конференција на која би присуствувале и кипарските Турци, на која ќе се разгледуваат правата и интересите на сите земји од регионот“, нагласи Ердоган.
Порача дека пречката за постигнување решение е бескомпромисниот, неправеден и размазен пристап на кипарските Грци.
„Ќе го поддржиме секое решение со кое трајно ќе биде загарантирана безбедноста на заедницата на кипарските Турци и нивните историски и политички права на островот“, порача Ердоган.