Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
01 Јули 2022•Ажурирај: 03 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Туркије нема намера да војува со Грција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Туркије нема намера да води војна против Грција. Сепак, Грција не ги исполнува своите ветувања. Направија 147 прекршувања на воздушниот простор. Ако сме соседи, ако сме пријатели, зошто 147 пати го нарушувате нашиот воздушен простор?”, изјави Ердоган за новинарите во Истанбул по петочната молитва.
Тој понатаму рече: „Доколку тие прекршувања на нашиот воздушен простор продолжат, тогаш ние ќе продолжиме да го правиме она што ни е обврска.“
Минатиот месец Ердоган го критикуваше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за неговите коментари за Туркије за време на официјалната посета на Соединетите Американски Држави (САД), велејќи дека со грчкиот премиер не вреди повеќе да се занимава.
Туркије во последниве месеци, исто така, ги засили критиките за Грција која стационира трупи на островите во источниот дел на Егејското Море, во близина на турскиот брег кои се видливи од брегот.
Овие острови според Договорот од Лозана од 1923 година и Договорот од Париз од 1947 година треба да се демилитаризирани, така што чии било трупи или оружје на островите се строго забранети.
Во врска со напорите на Туркије да посредува за средба меѓу рускиот и украинскиот лидер, Ердоган рече дека турските власти работат на организирање состанок меѓу Владимир Путин и Владимир Зеленски.
Турскиот претседател, исто така, предложи Анкара повторно да изврши извоз на пченица, јачмен и сончогледово масло во земјите со недостиг.