Diyar Güldoğan
23 Ноември 2022•Ажурирај: 24 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Воздушната операција на Туркије во северен Ирак и Сирија за чистење на регионите од терористите е само почеток, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека земјата ќе започне копнена операција во Сирија кога ќе биде погодно, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашите операции со авиони, артилерија и вооружени беспилотни летала се само почеток“, рече Ердоган на состанокот на групата на Партијата за правда и развој (АК) во главниот град Анкара.
Туркије во неделата наутро ја започна операцијата „Канџа-меч“, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ЈПГ/ПКК која има нелегални засолништа низ ирачката и сириската граница, каде што планира напади на турската територија.
Воздушната операција на земјата следуваше по терористичкиот напад на ЈПГ/ПКК на 13 ноември на преполната улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа 6 лица, а 81 беа повредени.
„Ќе ги собориме терористите со копнена операција во најпогодно време“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека Туркије има моќ да ги фати и казнува терористите внатре и надвор од границите кои се вклучени во напади против земјата и нацијата и истакна дека Анкара е порешителна од кога било да ја обезбеди својата јужна граница.
„Туркије остана верна на своите ветувања во врска со границите на Сирија“, додаде Ердоган, велејќи: „Доколку нашите соговорници не можат да ги исполнат барањата од договорот, ние имаме право да се грижиме за себе.“
Ердоган вети дека ќе ги искорени терористите од сириските региони Тел Рифат, Мунбиџ и Ајн ал Араб.
Тој додаде дека ирачката и сириската администрација не треба да се чувствуваат немирни со операцијата, бидејќи единствената цел на земјата е да ја заштити безбедноста на својата нација, како и на луѓето од соседните земји.
„Никој не може да спречи или да застане против нас за да ја повлечеме безбедносната линија до местото каде што треба да биде, каде што продолжуваат овие напади врз нашите граници и нашите граѓани“, истакна Ердоган.
„Силите кои дадоа гаранции дека Туркије нема да се соочи со никаква закана од областите под нивна контрола, не ги исполнија своите ветувања“, нагласи тој.
„Нашата порака до оние кои сè уште се обидуваат да ја фрлат Туркије на колена со подмолни методи е јасна: Никогаш нема да успеете!“, рече Ердоган.
Запрашан за можната средба со сирискиот претседател Башар ал Асад, Ердоган рече: „Во политиката не постои огорченост. На крајот, чекорите ќе бидат преземени под најповолни услови.“