Sefa Mutlu
28 Мај 2020•Ажурирај: 29 Мај 2020
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган по состанокот на кабинетот, најави дека од 1 јуни настапува значително ублажување на мерките кои претходно се преземени поради спречување на ширењето на новиот тип на коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во обраќањето по состанокот на кабинетот рече дека државата во наредниот период ќе продолжи да биде со своите граѓани, како и со деловниот свет.
„Турција е земја која стана пример за целиот свет во контекст на превенција на епидемијата и тоа е заеднички успех на секој од 83 милиони наши жители", порача Ердоган.
Говорејќи понатаму за пандемијата на Ковид-19, Ердоган рече дека Турција одговорила на барање на 10 земји од вкупно 135, колку што од неа побарале помош или производи.
Осврнувајќи се на денешниот состанок, Ердоган информираше и за последните донесени одлуки кои се однесуваат на ублажување на мерките против ширењето на коронавирусот. Според Ердоган, значаен дел од овие мерки ќе биде ублажен од 1 јуни.
„Од 1 јуни потполно го укинуваме ограничувањето на меѓуградските патувања, се отвораат градинки и дневните домови за стари лица. Лицата постари од 65 години кои имаат дуќани ќе можат да продолжат со работа со носење маска и држење дистанца и хигиена. Освен некои исклучоци кои се на одмор или имаат поинакво работно време, сите службеници во јавните установи почнуваат со редовно работно време", откри Ердоган.
Подвлече дека, во „нормалниот поредок" е важно граѓаните на посветат внимание на три работи, а тоа се маска, дистанца и хигиена.
Исто така, од 1 јуни, според одредени правила, во Турција ќе бидат отворени плажи, паркови и градини.
Во среда и петок, од 14:00 до 20:00 часот, малолетните лица ќе бидат изземени од мерките на полицискиот час. За своите посетители вратите ги отвораат и музеите, а укината е забрана за индивидуални спортови. Тука се и секако низа други ублажувања на мерките.