Hüseyin Bağış
13 Јули 2021•Ажурирај: 14 Јули 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамките на истрагата против терористичката организација ФЕТО во Турција, по налог на Обвинителството во Истанбул издадени се налози за приведување на 27 поранешни студенти на Воената академија „Кулели“ во рамките на Турските вооружени сили (TSK), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во истовремените акции во шест градови, координирани од Истанбул, приведени се 18 осомничени лица за кои е утврдено дека преку телефонски говорници имале контакти со т.н. „имами“, кои во рамките на терористичката организација ФЕТО биле задолжени за инфилтрираните припадници на терористичката организација во редовите на турската Војска.
Кај приведените е пронајден дигитален и испечатен материјал на терористичката организација.
Покрај акциите против терористите на ФЕТО во воените структури, турската полиција започна операција, со цел приведување на осомничените и во редовите на полицијата, а во текот на утрото од слобода се лишени две лица.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.