Cemil Murat Budak
06 Ноември 2020•Ажурирај: 07 Ноември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамките на уште една голема акција на приведување на лица осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, турската полиција утринава приведе 60 од вкупно 89 осомничени лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Врз основа на истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во турската жандармерија, Канцеларијата на обвинителството во Анкара издаде налог за приведување на вкупно 89 осомничени.
Осомничените користеле тајни и паралелни системи на комуникација во турската жандармерија, а меѓу нив се и 29 активни државни службеници, како и оние кои претходно се суспендирани или пензионирани.
Во истрагата учествуваше и Националната разузнавачка служба на Турција (MIT), а постапуајќи по налог на Обвинителството, турската полиција во 37 турски области започна истовремени акции на приведување и досега од слобода лиши 60 осомничени лица.
Паралелно со тоа, турската полиција утринава изврши рација во објект во Анкара и од слобода лиши четворица осомничени за раководење со инфилтрираните елементи на ФЕТО во полициските структури на Турција.
Рацијата е извршена во објектот кој терористите го користеле за сокривање и тајно дејствување, а во откривањето учествуваше и разузнавачката служба МИТ.
Терористите се забележани како при доаѓање во куќата прво шетале наоколу за да се уверат дека не се следени, при што се обиделе да создадат впечаток дека станува збор за напуштен објект, па пред влезот држеле стари поштенски пратки и комунални сметки.
Осомничените со месеци ги применувале мерките на носење маски за додатно да се прикриваат во јавноста, а за време на рацијата во објектот се пронајдени и фалсификувани документи.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.