Handan Kazancı
14 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин, денес истакна дека некои европски земји заземаат страна со тоа што не им дозволуваат на некои турски министри да одржат митинзи во нивните земји, а им дозволуваат на активистите што агитираат „Не за референдумот“.
Во колумна за турскиот весник „Дејли сабах“, Калин напиша: „На оние што се залагаат да се гласа „не“ на референдумот на 16. април им е дозволено да одржуваат програми во истите тие земји што им ставаат забрана на турските министри и политичари што водат кампања за успех на референдумот.
„Со покажувањето на ваквите двојни стандарди, овие европски влади и политичари јасно заземаат страна во политичката кампања во Турција. Оттука, кој ги носи турските политички прашања во Европа?“, додаде тој.
Во саботата, на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, му беше одбиено барањето да слета во Холандија, а министерката за семејство и социјални работи, Фатма Бетул Сајан Каја, со придружба на полицијата беше изнесена од земјата откако не ѝ беше дозволено да влезе во турскиот конзулат во холандскиот град Ротердам.
Кога турските граѓани во Ротердам се обидоа мирно да протестираат, тие беа спречени од страна на полицијата којашто употреби палки, полициски кучиња и водени топови за разбивање на толпата, што некои аналитичари го оценија како несразмерна употреба на сила.
Инцидентите предизвикаа остри критики од страна на Анкара, при што беа испратени и протестни ноти до Холандија.
„Она што се случи во текот на последните неколку недели е одраз на подлабока криза во Европа, каде што демонизацијата на муслиманите се користи како политичка алатка, се глорифицира стигматизацијата на малцинските заедници кои го почитуваат законот, а 'добриот' стар расизам се смета за нормален“.
„Плус, постои нов анимозитет во однос на Ердоган што доаѓа од одредени кругови во Европа – опсесија што е создадена внимателно и систематски е проширена низ светот“, пишува Калин.
Портпаролот на турското Претседателство го критикуваше одговорот на европските земји во однос на актуелната криза.
„Доколку ваков инцидент се случеше во друг контекст, сите европски политичари и институции на ЕУ ќе го кренеа гласот, ќе даваа изјави една по друга и ќе извршеа притисок врз холандската Влада да ја поправи својата грешка“.
„Наместо тоа, тие излегоа со поддршка. Тоа се повеќе од двојни стандарди. Ова не е европска солидарност. Ова е срамен чин што само ќе ги направи посреќни антимуслиманските расисти и ксенофобите на Западот“, пишува тој.