ЕДРЕНЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека политичарите во Холандија за неколку гласа повеќе на изборите ги газат европските вредности, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу престојуваше во посета на западниот турски град Едрене, каде што одговарајќи на прашањата на новинарите, се осврна на актуелните случувања и на дипломатската криза со Холандија.
Во таа пригода, Чавушоглу изјави дека во Европската Унија е присутен страв од распаѓање.
„Ја сфаќаме Европа, која е во состојба на болен. Зошто ја откажаа посетата на еден министер за надворешни работи? Јас престојував таму минатата година, без никакви проблеми. Во што е проблемот сега? Морам искрено да кажам дека нас навистина нѐ загрижува состојбата во која моментално се наоѓа Европа, бидејќи Европа полека оди кон бездна“, порача Чавушоглу.
Тој нагласи дека Европа со ваквите постапки се враќа во периодот пред Втората светска војна, и се осврна на Холандија.
„Премиерот на Холандија е од Либералната партија, министерот за надворешни работи и заменик-премиерот се социјалдемократи. Ако ги погледнеме нивните постапки, дали се разликуваат од Герт Вилдерс? Тие ги газат европските вредности за да освојат неколку гласа повеќе“, порача Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија додаде дека кога се во прашање критериумите и еднаквоста, тука мора да има одредени стандарди, но тоа да не бидат, како во овој случај, двојни стандарди и лицемерие.
„Политичарите со кои разговарав телефонски рекоа: 'Навистина, тоа е срамно. Ние тоа не го поддржуваме', а потоа ѝ пружија поддршка на Холандија. А знаете ли зошто? Страв. А каков е тој страв? Освен што знаеме дека се љубоморни на Турција, страв им е од распаѓање на ЕУ и поради тоа се трудат своите редови да ги држат поцврсти, за да го спречат распаѓањето. Сакам да им порачам дека од тоа немаат корист“, порача шефот на турската дипломатија, Чавушоглу.
Холандските власти во саботата ги спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејна и социјална политика на таа земја, Фатма Бетул Сајан Каја, во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во Холандија, како и да се состанат со турската заедница во Холандија. Во придружба на полицијата, Каја беше вратена во Германија, од каде што вчера се врати во Турција.
Министерството за надворешни работи на Турција претходно го осуди спречувањето на посетата и побара амбасадорот на Холандија, кој моментално е на одмор, извесно време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Во саботата, холандската полиција со употреба на сила ја растера толпата граѓани кои протестираа против задржувањето на возилото на министерката Каја, но протестите на улиците на Ротердам продолжија.
Владата на Турција вчера ги прекина односите со Холандија на високо ниво.
news_share_descriptionsubscription_contact


