Andaç Hongur
13 Јули 2020•Ажурирај: 14 Јули 2020
АНКАРА
Министерот за правда на Република Турција, Абдулхамит Ѓул изјави дека на турските судови првостепеното судење е завршено во 275 од вкупно 289 обвиненија за обидот на воен удар кој терористичката организација ФЕТО го изврши на 15 јули во 2016 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„До денес се изречени заслужени казни за 4.130 обвинети, вклучувајќи и 2.332 доживотни затворски казни“, изјави министерот Ѓул на отворањето на IV Меѓународен симпозиум „15 јули“, кој го организираат истанбулската општина Ускудар, универзитетот Мармара и здружението „15 јули“.
Истакнувајќи дека во ноќта на обидот за воен удар светот сведочел на едно од најголемите историски предавства, но и за еден од најголемите народни отпори наспроти пучистите, Ѓул изјави дека тој епски настан нема и не смее да се заборави како и херојството на 17 годишниот шехид Абдула Таип Олчок или херојството на загинатата специјална полицајка Демет Сезен или било кој граѓанин на Турција кој застанал во одбрана на татковината нападната од терористите на ФЕТО.
Тој истакна дека обидот за воен удар на 15 јули 2016 година се разликувал од претходните такви удари по тоа што прв пат директно се нападнати демократските институции и народот кој не ја наведна главата, туку застана и ја бранеше својата демократија.
Тој додаде дека тој предавнички чин од претходните воени удари се разликувал и по своите цели кое е можно да се сфатат ако се анализираат случувањата кои претходеа и кои се случија потоа во регионот, со акцент на соседна Сирија.
„Нашиот народ и таа ноќ направи историски чекор и го осуети нападот во неговото битие“, порача Ѓул.
Ресорниот турски министер Ѓул понатаму изјави дека турското правосудство води опсежни процеси за да се идентификуваат сите одговорни за обидот за воен удар кој го извршија терористите на ФЕТО кои се години се инфилтрирани во турските сили и институции.
„Тоа не се однесува само на ФЕТО, туку Турција нема да дозволи постоење на било какви паралелни структури во државата, никакви нелегални творби. Турција и нејзиното праводуство ќе ја продолжат одлучната борба против ФЕТО се додека во потполност не се искоренат сите елементи на таа терористичка организација“, порача Ѓул.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, со местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети се околу 2.200 лица.