Meltem Bulur
13 Октомври 2017•Ажурирај: 14 Октомври 2017
АНКАРА (AA) - Мелтем Булур - Американскиот амбасадор во Анкара, Џон Бас, се подготвува да му ја предаде должноста на својот наследник. За три години, колку што е на чело на амбасадата, беше вклучен во многу прашања поврзани со внатрешните работи на Турција, преку изјави во областа на политиката и правото, пишува Anadolu Agency (AA).
Властите на САД во саботата соопштија дека го суспендираат издавањето на визите во дипломатско-конзуларните канцеларии во Турција и оти тоа е мерка за преиспитување на односот на Турција кон прашањата на безбедноста на дипломатските канцеларии и персоналот. Турција одговори со иста мера и го запре издавањето визи во дипломатските претставништва во САД.
Бас најави дека овој викенд ја напушта Турција, а коментари упати и откако во рамките на истрагата за терористичката организација ФЕТО, неодамна беше уапсен Метин Топуз, вработен во американскиот конзулат во Истанбул, кој е обвинет за поврзаност со терористите на споменатата организација. Топуз е уапсен поради „уривање на уставниот поредок“, „шпиунажа“, и „обид за елиминирање на Владата на Република Турција“.

Бас овој случај го окарактеризира како „желба за освета“ и повторно предизвика реакции. Американскиот амбасадор Бас беше највисокиот претставник на својата земја во Турција во времето на обидот за државен удар на 15 јули минатата година.
Меѓутоа, на Вашингтон не му ја објасни и не му ја пренесе доволно чувствителноста на Турција кога е во прашање испорачувањето на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, но и на членовите на оваа терористичка организација одговорна за најголемото предавство во историјата на турската држава.
Востановено е дека само неколку дена по обидот за пуч, од американскиот Генерален конзулат во Истанбул му е телефонирано на Адил Оксуз, едно од клучните имиња на ФЕТО за обидот за пуч во Турција минатата година на 15 јули, којшто е познат како „имамот на ФЕТО во воздушните сили“. Меѓутоа, Оксуз наводно бил баран поради „работи околу визата“.
Оксуз се смета за десна рака на Фетула Ѓулен и за втор човек во рамките на терористичката организација. Првата изјава во врска со 15. јули, американскиот амбасадор Бас ја даде три дена по обидот за пуч. Запрашан за испорачувањето на Ѓулен, американскиот амбасадор ја повтори решителноста за продолжување на соработката со Турција. Меѓутоа, досега од американските власти ништо конкретно не е преземено во врска со тоа.
Бас секој пат ги демантираше и вестите за военoто помагање од страна на неговата земја, на терористичката организација ПКК/ПЈД во Сирија. Меѓутоа, фотографиите и видеозаписите кои се објавени неколкупати го открија спротивното од она што тој го тврдеше.
„Американската Влада им нема доставено оружје или експлозив на ЈПГ или на ПКК. Точка“, изјави Бас по изјавата на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, дека коалициските сили под водство на САД им даваат поддршка на ЈПГ и на ПЈД, вклучувајќи ја и терористичката организација ДЕАШ.
Неговата изјава наиде на остра реакција на турската Влада. Се вклучи и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и порача: „САД ѝ дадоа оружје на ЈПГ. Точка“.
Министерот за одбрана на Република Турција, Нуретин Џаникли, вчера изјави дека е јасно оти САД во борбата против терористичката организација ДЕАШ соработуваат со терористите на ПКК/ПЈД, и предупреди дека конечната цел на ПКК е американското оружје да го искористи против Турција. Како што рече, САД за борбата против ДЕАШ веќе донираа оружје со кое може да се вооружи војска од 40 или 50 илјади војници.
Бас и во последниве денови собра во Истанбул група новинари применувајќи ембарго за некои медиумски куќи. Тој порача дека сакал да се состане само со претставниците на „сериозни“ медиумски куќи. Ист беше случајот и со прошталниот прием во Анкара, каде што покани само некои медиумски претставници.
Американскиот амбасадор Бас овие денови рече и дека во Турција немало терористички напади во изминатите девет и пол месеци, исклучиво поради соработката со САД. Неговите зборови во јавноста се протолкувани како закана.