Hilmi Tunahan Karakaya
04 Октомври 2020•Ажурирај: 05 Октомври 2020
ЕРЗУРУМ (АА) - Група алпинисти авантуристи се симнаа од водопадот Тортум висок 48 метри, во подрачјето на турски Ерзурум, држејќи ги знамињата на Турција и Азербејџан со цел да изразат поддршка на пријателската и братска земја Азербејџан во борбата против Ерменија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните кои го посетија водопадот со аплауз го поздравија гестот на алпинистите, кои на овој начин испратија порака за поддршка до Азербејџан.
Ердал Емеч, еден од алпинистите, рече дека Азербејџан минува низ тешки моменти поради ерменската окупација и дека на свој сопствен начин сакале да пружат поддршка на напорите на Азербејџан за ослободување на сопствената територија.
„Сакавме да го направиме овој гест за да им покажеме дека сме со нив. Нека знаат дека секогаш сме со Азербејџан“, рече Емеч.
Тренерот на алпинистите, Мустафа Текин, истакна дека со овој гест сакале да ја поддржат, како што рече, праведната и чесна борба на Азербејџан за ослободување на сопствената територија.
На 27 септември, ерменските сили извршија нови напади врз азербејџанските населби и позиции, а азербејџанските сили одговорија со напади врз ерменските позиции.
Ерменските власти потоа прогласија општа мобилизација и воена состојба поради судирите во регионот на Нагорно Карабах, а и властите на Азербејџан исто така прогласија воена состојба во 19 подрачја, вклучувајќи го и главниот град Баку. Од 1991 година ерменската Војска илегално го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации бараат повлекување на окупаторските ерменски сили од Нагорно Карабах и од седум други окупирани азербејџански региони.