Ali Murat Alhas
26 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
ДИЈАРБАКИР
Поминаа неколку месеци откако мајките во југоисточна Турција за првпат го започнаа протестот пред седиштето на Народната демократска партија (HDP), политичка партија која се товари за поврзаност со терористичката организација ЈПГ/ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зумрут Салим, една од мајките кои протестираат, изјави дека нејзиниот син Хамза бил киднапиран од страна на терористичката организација ПКК пред шест години, кога тој имал само 14 години. Таа рече дека нема да си замине сè додека нејзиниот син не се врати.
„Ќе бидам тука додека не се врати мојот син. Мое дете, те молам врати се и предади се на државата. Ни недостигаш... те молам врати се дома“, рече таа.
Бедирхан Чур, татко на едно од децата кои се киднапирани, се придружи на протестот што веќе се одвива 206 дена и ја повика ХДП да го врати неговото дете.
Јасин Каја, кој исто така се придружи на протестот за да ја врати неговата ќерка, која била киднапирана на 17 години во 2016 година, рече дека нема да си замине без неа.
„ХДП е одговорна за киднапирањето на моето дете. ХДП го зеде моето дете и го предаде во рацете на ЈПГ/ПКК“, изјави тој, повикувајќи ја неговата ќерка да се предаде на безбедносните сили.
ПКК е сепаратистичка организација којашто се наоѓа на списокот терористички организации на Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД). За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.