Sena Güler
24 Ноември 2020•Ажурирај: 25 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оствари телефонски разговор со својот руски колега, Владимир Путин, во кој истакна дека очекува заедничкиот центар за мониторинг, што ќе биде формиран во Нагорно Карабах, наскоро да започне со работа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган му посочил на Путин дека Центарот треба да стане активен што е можно поскоро „како дел од чекорите преземени за решавање на конфликтот во Нагорно-Карабах и воведување трајна стабилност на регионот“, се вели во соопштението на Дирекцијата за комуникации на турското Претседателство.
Азербејџан и Ерменија на 10 ноември потпишаа договор со посредство на Русија за ставање крај на судирите и за работа за сеопфатно решение.
Турција и Русија оттогаш потпишаа Меморандум за разбирање за формирање на заеднички центар за следење на мировниот договор. Тој ќе се воспостави на азербејџанските територии ослободени од ерменска окупација.
Ердоган истакна дека за време на процесот на имплементација „на ерменската страна не смее да ѝ се дозволи да го отежнува трајното решение и да ги избегнува своите одговорности во рамките на Договорот [за прекин на огнот]“, нагласувајќи ја чувствителноста на Азербејџан за враќањето на своите територии.
Двајцата лидери, исто така, разговарале и за начините за зајакнување на обемот на трговска размена и билатералните односи, како и за развојот на настаните во Нагорно Карабах, Сирија и Либија.
Турскиот претседател нагласил дека не е можно да се разберат критиките од другите копретседатели на Минската група во однос на мировните напори.
Во соопштението се вели и дека Ердоган ја нагласил потребата од брзи и конкретни чекори за ставање крај на војната во Сирија и го изразил своето верување во продолжувањето на соработката помеѓу Турција и Русија во политичките и воените разговори за заштита на единството и интегритетот на Либија.