Şerife Çetin
17 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Техничарот што го предизвика скандалот за време на воената вежба на НАТО, поставувајќи фотографија од Ататурк меѓу непријателските лидери, тврди дека не знаел кој е на фотографијата. Од работа е отпуштен припадник на цивилниот персонал кој служел во рамките на норвешката војска, кој фотографијата со ликот на претседателот на Турција, Ердоган, ја поставил како соработник на непријателот, јавува Anadolu Agency (AA).
НАТО издаде соопштение во врска со скандалот што се случи за време на симулацијата на воената вежба „Trident Javelin“ во Норвешка, кога фотографија од Ататурк и од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, беше поставена како непријателска цел.
Висок претставник на НАТО за АА изјави дека во периодот од 8 до 17 ноември, при симулација на воена вежба се случиле два инциденти.
Командата на центарот за заеднички воени напади (JWC) во Норвешка, во првиот случај, како позадина на симулацијата подготвила документи „Биографии на непријателски лидери“.
Но техничарот од екипата што ги извршувала подготовките, меѓу една од биографиите ја вметнал и фотографијата од Ататурк. По скандалот што настана, техничарот изјави дека „по грешка“ ја вметнал фотографијата од Ататурк, додека вршел пребарувања по социјалната мрежа.
По реакцијата на турската екипа, фотографијата на Ататурк е отстранета од биографиите на непријателските лидери.
Техничарот што го предизвика скандалот се извини, тврдејќи дека не знаел дека на фотографијата е претставен Ататурк.
- Лажен профил во врска со претседателот Ердоган
Според информациите добиени од претставникот на НАТО, во другиот инцидент бил вмешан еден член на цивилниот персонал од норвешките вооружени сили, кој во штабот во Холандија отворил лажен профил „Реџеп Таип Ердоган“, во рамките на симулацијата на виртуелен канал за разговор.
Членот на персоналот на норвешката војска, преку лажниот профил, во симулацијата составил пораки во коишто претседателот на Турција Ердоган се претставува како близок со 'лидерите на непријателските земји' и дека соработува со нив.
По излегувањето на виделина на скандалот, членот на персоналот е отпуштен од работа.
Анджеј Реудовиц, командант на Командата на центарот за заеднички воени напади, објави писмо со извинување во врска со настанот.
Претставникот на НАТО рече дека Роуз Готемјулер, заменичката на генералниот секретар на НАТО, изрази големо жалење за настанот и додаде дека се очекува организацијата да даде изјава во врска со тоа.
Претседателот на Турција, Ердоган, реагираше откако беше информиран дека вчера, за време на воената вежба „Trident Javelin“ во Норвешка, како цели меѓу непријателските лидери била поставена слика на Ататурк и неговото име, и изјави: „Откако се случил настанот, нѐ побараа началникот на Генералшабот на Турција и министерот одговорен за ЕУ, кои беа на пат за Канада, соопштувајќи ни: 'Има ваква ситуација. Ова е вежба на НАТО. Имаме 40 војници таму. Донесовме одлука да ги повлечеме војниците и ги повлекуваме'. Реков: 'Се подразбира, без да чекате, веднаш. Дури и ако се случи целите да бидат отстранети, веднаш повлечете ги нашите 40 војници'. Таква алијанса и таков сојуз не се можни“.