Barış Gündoğan
17 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција и претседател на АК Партија, Реџеп Таип Ердоган, во седиштето на партијата имаше свое обраќање на проширениот состанок на претседателите на областите во Турција. Претседателот Ердоган истакна: „Нема да толерираме никого што кон Турција и кон турскиот народ ќе го сврти оружјето или има таква намера“, јавува Anadolu Agency (AA).
- ‘Не е можно вакво сојузништво’
Претседателот Ердоган порача дека неговата земја повлекува 40 свои војници од вежбата на НАТО во Норвешка, откако вчера во текот на вежбата, на еден од панелите коишто претставуваат непријателски цели е поставена фотографија на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција и името на претседателот Ердоган.
„Вчера во Норвешка имаше една ситуација,поставија табла којашто претставува непријателска цел. На неа слика на Ататурк и моето име. И тоа се цели. Кога за тоа слушнаа нашиот началник на Генералштабот и министерот за прашања за ЕУ, кои вчера беа на пат за Канада, ми се јавија. Рекоа дека на таа вежба учествуваат 40 наши војници и оти веднаш ќе ги повлечат. Реков да ги повлечат, дури и ако се случи тие табли да бидат отстранети. Такво сојузништво и таков сојуз не се можни", рече Ердоган.
Зборувајќи за ситуацијата во Сирија и за односите со сојузниците во борбата против ДЕАШ, Ердоган рече:
„Од почетокот на кризата во Сирија, САД не одржаа поголем дел од ветеното и тоа кај нас предизвика големо разочарување. Затоа, во моментов не сакаме во Африн да бидеме изиграни на ист начин. Во рамките на сојузничките односи, многу лесно можат да се решат голем број проблеми, но за жал, американската страна инсистира ситуацијата да ја влече во ќорсокак. Таква е ситуацијата во Рака, ситуацијата во Мунбич и ситуацијата во Дејризор“.
Околу поставувањето набљудувачки точки на Турција во подрачјето на Идлиб, претседателот Ердоган рече дека во моментот е потребно Африн да се исчисти од ПЈД и ЈПГ.
„Потребно е ние во моментов да го исчистиме Африн од ПЈД и ЈПГ кој се наоѓа покрај нив. Тоа е тема за којашто зборуваме уште од самиот почеток. Таму (во Идлиб), особено на набљудувачките точки, ќе бидеме доминантен елемент. Принудени сме на тоа. Доколку ние таму не бидеме доминантен елемент, тогаш различни терористички групи ќе дојдат таму и ќе се обидат да ја окупираат територијата“.
Во врска со военото присуство на САД во Сирија, турскиот претседател истакна: „Во моментов, САД има 5 воздушни бази во Северна Сирија и 8 нормални воени бази. Сега формира уште една во Рака, 14. база на САД во Северна Сирија. Со каква цел, впрочем, доаѓате вие на оддалеченост од 12.000 километри во Сирија? Зарем не би се запрашале?“.
Говорејќи за терористичките организации, нивното формирање и постоење, претседателот Ердоган изјави дека оној што го измисли ДЕАШ, истиот тој го формираше ПЈД.
„Оној што го измисли ДЕАШ, истиот тој го формираше ПЈД. Оној што направи ПЈД да блесне е истиот што го поведе раководството на Северен Ирак кон прогласување независност, сакајќи да ја продлабочи нестабилноста во Ирак. Не треба да се заборави дека тие исти сили продолжуваат да го хранат и да го возвишуваат ФЕТО под своја закрила“.