Sena Güler
24 Јануари 2019•Ажурирај: 26 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Руските државјани се најдоа на врвот на листата на странски државјани кои влегле во Турција преку граничните премини во 2018 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставници на Дирекцијата за управување со миграции при турското Министерство за внатрешни работи за АА истакнаа дека во Турција минатата година влегле речиси 6 милиони Руси.
По нив следуваат над 4,4 милиони германски граѓани и над 2,4 милиони Бугари.
Руските граѓани беа на врвот на листата и во 2017 година, со над 4,7 милиони посетители.
Турција во 2018 година беше домаќин и на вкупно 39.468.492 странци кои влегле во земјата по копнен, воздушен и по морски пат, или со железница. Во 2017 година бројот изнесуваше над 32 милиони.
Турција и Русија во последниве години имаат пријателски билатерални односи, кои се зајакнуваат преку меѓусебните посети од претседателите на двете земји, како и со соработката во полето на енергетиката.
Минатата година турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин имаа 7 тет-а-тет средби и 18 телефонски разговори. Последниот состанок на двајцата лидери се одржа вчера во Москва.