ИСТАНБУЛ (АА) – Оставете ги настрана предрасудите, но не оставајте информациски вакуум, туку произведувајте „интересни и безвременски содржини“ за добра комуникациска стратегија, порачаа денес експертите од Меѓународниот самит за стратешки комуникации „Стратком 2021“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Треба да ги тргнеме нашите предрасуди; има поважна улога за диверзитет на податоци, пристап, анализи и аналитичари“, порача Бен Пејџ, извршниот директор на „Ипсос“, француска мултинационална компанија за истражување на пазарот и за консултантски услуги.
Пејџ на Самитот „Стратком 2021“ во Истанбул, организиран од Директоратот за комуникации при турското Претседателство, се обрати преку видеоконференција.
„Фокусирајте се на клучните работи што ја поттикнуваат перцепцијата“, рече Пејџ и додаде дека комуникациите може да ја променат перцепцијата на луѓето.
Предупредувајќи дека онлајн опкружувањето „претставува закана за нашиот поглед на реалноста во нови размери“, тој нагласи: „Не оставајте информациски вакуум каде што луѓето се едуцираат преку еднострани перспективи.“
„Бидете дел од јавната конверзација и откријте на што да се фокусирате, а што да игнорирате“, рече тој, додавајќи дека анкетите за јавното мнение „остануваат најдобриот начин да се разбере расположението на јавноста“.
Бен истакна дека истражувањето помага да се сфати „на кој начин луѓето донесуваат одлуки“.
За лажните вести рече дека е подобро „да се навикнете да живеете во неизвесност. На пример, Ковид-19“.
Пејџ рече дека е важно „да се разберат каналите што ги користи различната публика и мерките кои функционираат“. „Држете се до тоа“, потенцира тој, сугерирајќи едноставност и доследност во пристапот.
- „Креирајте интересни содржини“ -
Миклош Гаспар, шефот за дигитални медиуми и информации од јавен карактер при Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), говореше за тоа како неговата канцеларија комуницира за теми од нуклеарната проблематика со лаиците.
„Нуклеарната енергија е техничка тема... на некои луѓе им се допаѓа, на некои не им е грижа (бидејќи) не се свесни за нуклеарниот потенцијал“, рече Гаспар, додавајќи дека една четвртина од вкупната електрична енергија произведена во светот денес доаѓа од нуклеарни извори.
Тој истакна дека дигиталниот станал примарен метод на комуникација за Агенцијата со цел „да им овозможи на луѓето да го видат целиот потенцијал на нуклеарната енергија“.
„За да го привлечете и задржите вниманието на луѓето кои не се заинтересирани за вашите теми, треба да бидете иновативни во однос на креирањето содржина и механизмите за нејзино ширење“, рече тој.
Нагласи дека е неопходно да се направат веб-страниците „оптимизирани за пребарувачи… всушност, хипер пребарувач оптимизиран и во однос на содржината“.
„Исто така, се уверуваме дека сме компатибилни со еволуирачкиот алгоритам на Гугл и другите пребарувачи.“
Гаспар рече дека обратната транскрипција на верижната реакција на полимераза РТ-ПЦР, што речиси стана општопознат термин поради Ковид-19, „всушност е технологија добиена на нуклеарно ниво“.
„Меѓународната агенција за атомска енергија со децении им помага на земјите да користат ПЦР за откривање вируси“, рече тој.
Кога започнала пандемијата, Гаспар истакна дека Агенцијата објавила статија во која објаснува како функционира РТ-ПЦР… „И ни донесе 1,3 милиони нови посетители.“
„Но, не е доволна оптимизацијата за пребарувачите“, додаде тој, повикувајќи на употреба на „едноставен јазик, инфографики, видеа и нивно вметнување во приказната“, бидејќи овие фактори ќе ги направат „безвременски“.
Порача дека времињата се менуваат и дека сега е време кога „ја користиме стратегијата за прва содржина на социјалните медиуми“.
Гаспар, исто така, предложи да се произведуваат содржини што не се конкретно поврзани за нечија организација: „Една третина од нашата содржина не е за Агенцијата, туку е за нуклеарни теми.“
„Друг начин за зголемување на активноста“, рече тој, „е работа со други организации и меѓусебно споделување на нашите објави.“
Турција викендов е домаќин на „Стратком 2021“, меѓународен собир на кој се говори за актуелните политики, прашања, предизвици и трендови на стратешкиот комуникациски екосистем.
Дводневниот Самит на едно место собра 112 говорници од над 30 земји и публика од над 3.000 лица.
Темите што се разгледуваат на Самитот ги вклучуваат стратешките комуникации, јавната дипломатија, дигиталната дипломатија, метаверзумот, брендирањето, дезинформациите, новите медиуми, како и новите комуникациски технологии и трендови, стратешкиот маркетинг и политичката комуникација.
news_share_descriptionsubscription_contact
