Furkan Naci Top
01 Септември 2016•Ажурирај: 02 Септември 2016
АТИНА (АА) - Во рамките на враќањето и размената на мигранти врз основа на договорот постигнат меѓу Турција и Европската Унија, во месец август од Грција во Турција се вратени вкупно 16 мигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Минатиот месец, од Грција во Турција вратени се осум мигранти со потекло од Сирија, четворица од Авганистан и двајца од Алжир.
Лидерите на ЕУ и Турција го постигнаа договорот во март оваа година, а од почетокот на неговата примена, на 4 април, досега од Грција во Турција се вратени вкупно 484 мигранти.
Според податоците на грчките институции, во моментов на грчките острови се наоѓаат вкупно 12.227 мигранти, кои во согласност со договорот меѓу ЕУ и Турција, до грчките власти поднеле барање за азил, и тие барања се во процес на разгледување.
Турција и Европската Унија на 18 март, во Брисел, постигнаа договор за борба против илегалната миграција и трговијата со луѓе. Според договорените мерки коишто се спроведуваат од 4 април, Турција ќе ги прифати сите мигранти за кои ќе се утврди дека мигрирале од Турција до грчките острови.
За сите мигранти што не доаѓаат од Сирија во Турција ќе биде започната постапка за да бидат вратени во нивните земји на потекло, додека мигрантите од Сирија ќе бидат сместени во кампови во Турција, а за секој прифатен мигрант од Турција во ЕУ ќе биде испратен по еден бегалец од Сирија кој е уредно регистриран во Турција.
Во првата фаза, планирана е размена на 72.000 лица, а сите трошоци за враќањето и размената на мигрантите ќе ги сноси Европската Унија.