İlker Girit
19 Март 2017•Ажурирај: 19 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот вицепремиер Мехмет Шимшек изјави дека Турција од 2011 година испратила помош во вредност од речиси една милијарда долари на Сомалија, како дел од стратегијата за Африка, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на Г20 состанокот на министри за финансии и гуверери на централните банки во западниот германски град Баден-Баден, Мехмет Шимшек изјави дека Турција за време на состанокот ги споделила своите постоечки стратегии за Африка.
Шимшек изјави дека една од работите кои се наоѓаат на дневен ред на состанокот Г20 е зацврстување на дијалогот со африканските земји бидејќи, како што истакна, наредните 100 години ќе бидат години на Африка.
„Што е Азија денес во однос на глобалната економија? Ако Азија е најголемата движечка сила на глобалната економија денес, постои таква можност и за Африка во иднина”.
„Турција веќе вложува огромен труд за Африка. Имаме одредена стратегија. Имавме 12 амбасади во 2004 година, а сега се 39”, рече тој.
Турскиот министер исто така истакна дека дводневниот состанок во Баден-Баден бил плодоносен и за Турција во однос на нејзиното претставување пред инвеститорите.
„Се обидовме да ги отстраниме прашалниците во главите на оние кои имаат инвестиции во Турција и оние кои размислуваат да инвестираат” , рече тој.