Büşra Nur Çakmak,Diyar Güldoğan
21 Јануари 2023•Ажурирај: 22 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Туркије вчера го повика шведскиот амбасадор во Анкара поради дозволата од страна на Шведска за планирано палење на Куранот во близина на турската Амбасада во Стокхолм, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Стефан Херстром му е кажано дека Туркије „силно го осудува овој провокативен чин, кој е очигледно злосторство од омраза, дека ставот на Шведска е неприфатлив, дека Анкара очекува чинот да не биде дозволен, како и дека навредите на светите вредности не можат да се бранат под маската на демократските права“, истакнаа турски дипломатски извори.
Туркије ја предупреди Шведска дека дозволувањето пропагандни активности што круговите поврзани со терористичката ПКК се подготвуваат да ги спроведат во главниот град Стокхолм денес се јасно кршење на трипартитниот договор, додаваат изворите.
Омер Челик, портпаролот на турската владејачка Партија за правда и развој (AK Parti), исто така, ја осуди „дозволата за дело насочено кон палење на Куранот пред турската Амбасада во Стокхолм“.
„Она што го прават шведските власти е покровителство на кривично дело од омраза“, напиша тој на Твитер, додавајќи дека „шведските власти го охрабруваат фашизмот дозволувајќи такви дела“.
Тој исто така додаде дека „секое непочитување кон Куранот е злосторство против човештвото“.
Според полицијата во Стокхолм, Расмус Палудан, лидерот на данската крајнодесничарска партија Страм курс (Цврста линија), добил дозвола да го запали Куранот пред турската Амбасада во Стокхолм.
Во меѓувреме, шведскиот министер за надворешни работи, Тобијас Билстром, рече дека е загрижен поради тоа што демонстрацијата ризикува дополнително одложување на ратификацијата на шведската кандидатура за НАТО од страна на Туркије. Но, од друга страна, тој додаде дека би било „многу несоодветно“ да повикува да не му се дозволи на одредено лице да спроведе демонстрација.
Минатата недела, Туркије ја повика Шведска да преземе чекори против терористичките организации по демонстрациите во Стокхолм, каде приврзаниците на терористичката организација ПКК обесија кукла со ликот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за нозете, а потоа поставија снимки од провокацијата на социјалните мрежи заедно со закани против Туркије и Ердоган.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО во мај, напуштајќи го повеќедецениското воено неврзување, одлука поттикната од руската војна против Украина што започна на 24 февруари.
Но, Туркије, членка на НАТО повеќе од 70 години, изрази приговори, обвинувајќи ги двете земји за толерирање и поддржување на терористичките организации, како што се ПКК и ФЕТО.
Во јуни, Туркије и двете нордиски земји потпишаа меморандум на самитот на НАТО за решавање на легитимните безбедносни грижи на Анкара, со што се отвори патот за нивното евентуално членство во Алијансата.