Nur Asena Ertürk,Beyza Binnur Dönmez
07 Август 2024•Ажурирај: 08 Август 2024
ХАГ (АА) – Туркије денес поднесе барање до највисокиот суд на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата (МСП), за приклучување кон случајот против Израел за геноцид поднесен од Јужноафриканската Република, јавува Анадолу.
Турската делегација, која ја сочинуваат турскиот амбасадор во Хаг, Селчук Унал, и пратеникот за Истанбул од Партијата за правда и развој (АК Партија), Џунејт Јуксел, го достави досието на Туркије до Меѓународниот суд на правдата.
Така, Туркије станува страна во случајот за геноцид, приклучувајќи им се на Никарагва, Колумбија, Либија, Мексико, Палестина и Шпанија кои, исто така, ѝ се приклучија на Јужноафриканската Република, која првпат ја поднесе тужбата минатиот декември.
Потегот на Анкара се очекува да биде клучен за случајот и веројатно ќе ги охрабри и другите земји во регионот да се приклучат.
Јуксел, пред да го поднесе досието, за новинарите изјави дека Туркије од самиот почеток внимателно го следи случајот.
Тој нагласи дека Израел не успеал да ги имплементира претходните привремени наредби на МСП и дејствувал без да го признае законот.
Туркије сега „директно ќе интервенира“ во случајот, нагласи Јуксел.
Досието на Туркије се очекува да ги поддржи аргументите на Јужноафриканската Република и да се осврне на тоа како Конвенцијата за геноцид треба да се примени на акциите на Израел во Газа од минатиот 7 октомври.
Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени најмалку 39.677 Палестинци, главно жени и деца, а 91.645 се повредени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се наложи веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.
- Случајот на Јужноафриканската Република против Израел за геноцид пред МСП
Јужноафриканската Република го иницираше случајот против Израел за геноцид пред МСП на 26 декември минатата година, тврдејќи дека Тел Авив ја прекршил Конвенцијата за геноцид од 1948 година поради неговата тековна брутална офанзива врз Појасот Газа.
МСП одговори со издавање привремени мерки на 26 јануари барајќи од Израел да преземе чекори за да спречи геноцидни акти, вклучително и запирање на воените дејства, обезбедување испорака на хуманитарна помош и зачувување на доказите за прекршувањата.
По дополнителното барање од Јужноафриканската Република на 6 март, МСП на 28 март му наложи на Израел да дозволи доставување на итна хуманитарна помош за Газа, да ги обезбеди правата на Палестинците и подоцна да поднесе извештај за мерките што ги презел за спроведување на оваа одлука.
На 24 мај МСП утврди дека претходните мерки се недоволни поради тешката хуманитарна ситуација во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, наредувајќи му на Израел веднаш да ги прекине воените напади, да го држи граничниот премин Рафа отворен за влез на хуманитарна помош и да им дозволи на истражителите на Обединетите нации пристап до палестинската енклава.