Efe Özkan
09 Октомври 2024•Ажурирај: 11 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА)
Амбасадорот на Туркије во Бејрут, Али Бариш Улусој, информираше за евакуацијата на турските граѓани што се во Либан, каде што Израел ги интензивира нападите, како и за помошта во регионот, известува Анадолу.
Турскиот амбасадор Улусој за АА изјави дека турските граѓани побарале евакуација поради влошената безбедносна ситуација и зголемената агресија на Израел во текот на последните недели.
„Денес два брода на турската морнарица пристигнуваат на пристаништето во Бејрут, со капацитет да превезат 2.000 луѓе. Со бродовите ќе бидат евакуирани нашите граѓани и ќе бидат транспортирани до пристаништето во Мерсин“, рече Улусој.
Амбасадорот Улусој истакна дека по пристигнувањето во Мерсин ќе бидат задоволени основните потреби на овие граѓани.
Наведувајќи дека бродовите што испловиле од Туркије носат приближно 300 тони помош, Улусој продолжи со зборовите:
„АФАД, Црвената полумесечина и некои од нашите здруженија ги здружија силите и пратија кревети, шатори и ќебиња за нашите либански браќа за да можат да ги задоволат своите основни потреби во овие тешки денови. Бродовите носат и пакети со храна, кујнски прибор и комплети за хигиена.“
Улусој потсети дека на 25 септември Туркије испорачала во Либан приближно 30 тони помош во лекови и храна, а нагласи дека TИKA, исто така, многу активно дејствува во Либан.
- „Туркије е една од земјите што пратија најмногу помош во Либан“
Истакнувајќи дека многу земји пратиле помош во Либан во овие тешки времиња, Улусој посочи дека Туркије е една од земјите што пратиле најмногу помош.
Турскиот амбасадор истакна дека ситуацијата во Либан е загрижувачка и додаде:
„Особено од средината на септември, влошувањето на безбедносната состојба се чувствува во секој агол на Либан.“
Амбасадорот Улусој рече дека по последните израелски напади врз Бејрут пристигнале барања за евакуација бидејќи голем број турски граѓани живеат во населбите на Бејрут.
Информирајќи дека приближно еден милион луѓе се раселени како резултат на израелските напади врз Либан, Улусој истакна:
„Ова е сериозен проблем за земја со големина како што е Либан. Ние како Влада на Туркије вложуваме напори за оваа хуманитарна криза.“
Улусој додаде дека во Либан има приближно 13-14 илјади турски државјани, а за денешната евакуација се пријавиле 2.000 граѓани.
- „Купивме два авионски билета, но летовите се откажани“
Алпарслан Тунџај, кој работи како академик во Либан, изјави дека живее во Хамра, 5 километри од местото Дахије во околината на Бејрут, и додаде дека ги почувствувале интензивните напади од Израел.
Изразувајќи го своето задоволство од операцијата за евакуација, Тунџај рече: „Купивме два авионски билета, но сѐ е откажано. Фала Богу, нашата држава ни даде ваква можност.“
Тунџај нагласи дека тој и неговото семејство се загрижени по израелските напади врз Бејрут, а дека амбасадата и другите официјални претставници покажале голема грижа околу евакуацијата и повеќепати комуницирале со него.
Бушра Ѓулбаба, една од турските граѓани што чекаат евакуација, за АА изјави:
„Дојдовме една недела во Либан, но останавме заглавени 24 дена. Беа откажани три авионски лета и затоа оваа вест (за евакуација) нѐ израдува. Бевме во постојана комуникација со Министерството.“
Ѓулбаба рече дека биле сместени во регионот Бека во Либан и иако областа во која се наоѓале била безбедна, сепак, ги слушале експлозиите од израелските бомбардирања, при што доживеале голем страв. Посакуваат колку што е можно поскоро во Либан да завледее мир.