Merve Yıldızalp
09 Октомври 2017•Ажурирај: 09 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Вооружените сили на Република Турција соопштија дека вчера започнале извидувачки активности, вклучувајќи и поставување на контролни пунктови во сирискиот Идлиб каде што ќе бидат ангажирани припадниците на турската војска со цел следење на имплементацијата на прекинот на судирите што беше договорен на мировните преговори во казахстанскиот град Астана, јавува Anadolu Agency (AA).
Според договорот од Астана, земјите гаранти за прекинот на судирите во Идлиб, Турција, Русија и Иран ќе ангажираат Контролни сили за намалување на тензиите во тој сириски регион.
Турските вооружени сили денес соопштија дека вчера започнале подготвителни извидувачки активности за спроведувањето на оваа мисија.
Во соопштението се наведува дека турските сили сите активности поврзани со Идлиб ги врши во согласност со принципите кои беа договорени од земјите гаранти во Астана.
Мировниот процес во Астана започна кон крајот на декември минатата година, но во меѓувреме е договорено воспоставување на четири таканаречени зони без судири во Сирија, во кои треба да се обезбедат услови за спроведување на примирјето, доставување на хуманитарна помош, враќање на бегалците и почеток на мирно решавање на проблемите. Идлиб е една од тие зони, во кои силите на земјите гаранти на терен ќе го следат спроведувањето на договорот.