АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар ја нагласи важноста на активностите во вселенските технологии по повод лансирањето на првиот национален сателит со висока резолуција за набљудување на Земјата, јавува Анадолу.
„Нашите вооружени сили се подготвени, ја извршија неопходната обука. Од првиот момент ќе имаме максимална корист од овој сателит и ќе ги почувствуваме неговите предности“, рече Акар во обраќањето на церемонијата одржана во Институтот за истражување на вселенски технологии ТУБИТАК во турскиот главен град Анкара.
Истакна дека благодарение на активностите преземени под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган остварени се многубројни успеси во областа на националната одбранбена индустрија и технологија.
Акар го опиша сателитот ИМЕЏЕ како нова алка во синџирот на успех. Тој, исто така, посебно ја истакна важноста на дејствувањето на вселенските технологии во обликувањето на светот на денешницата и иднината.
Акар истакна дека активностите во вселената и киберпросторот се многу важни за Турските вооружени сили и другите институции.
„Туркије внимателно ги следи случувањата во оваа област. Со сателитскиот систем ИМЕЏЕ ќе добиеме нова способност во тој поглед“, рече Акар.
Нагласи дека потребите на Турските вооружени сили за извидување, набљудување и разузнавачки податоци ќе бидат задоволени со сателитските снимки со висока резолуција од целиот свет.
Акар истакна дека Турските вооружени сили се една од ретките војски во рамките на НАТО што поседуваат вселенски капацитети.
„Сите треба да знаат дека силата и големината на Турските вооружени сили се значајна вредност за НАТО-сојузот во кој се наоѓаме и дека на овој начин даваме голем придонес за сите“, рече Акар.
Тој додаде оти се свесни дека вселената сѐ повеќе се користи за воени цели, како и нејзиното идно влијание.
„Според тоа, ние веќе преземаме проактивни мерки и работиме со сите сили“, изјави турскиот министер за одбрана.
На крајот истакна дека се многу горди поради лансирањето на првиот национален сателит со висока резолуција:
„По огромните напори го постигнавме овој успех. Честитки до сите што дадоа придонес.“
Туркије денес успешно го лансира во вселената првиот национален сателит со висока резолуција ИМЕЏЕ за набљудување на Земјата.
Првиот сателит од турско производство е лансиран утрово од вселенската база Ванденберг во американската сојузна држава Калифорнија во 8:48 часот по средноевропско време.
Со ова лансирање Туркије првпат ќе има електрооптичка сателитска камера со висока резолуција во орбитата.
Орбитата на ИМЕЏЕ ќе се совпадне со Сонцето на височина од 680 километри и ќе служи во областа на одбраната, управувањето со катастрофи, животната средина и урбанизацијата, како и во земјоделството и шумарството.
Во текот на петгодишната мисија сателитот ИМЕЏЕ ќе снима слики од целиот свет.
ИМЕЏЕ, првиот турски национален сателит со висока резолуција, е дизајниран и развиен од Институтот за истражување на вселенска технологија ТУБИТАК.
news_share_descriptionsubscription_contact
