Diyar Güldoğan
13 Септември 2022•Ажурирај: 16 Септември 2022
АНКАРА (АА) - И покрај напорите на Туркије да ги намали тензиите во регионот, Грција продолжува со своите провокативни дејствија и продолжува со двојна дипломатија кон Анкара, изјави денес турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„И покрај сите наши добронамерни напори, за жал, нашиот сосед Грција продолжува да ја зголемува тензијата секој пат со некои провокативни акции и реторика. Ние правиме сè од себе да го спречиме тоа“, изјави Акар за новинарите во главниот град Анкара.
Неговите изјави следуваа откако два чамци на грчката крајбрежна стража во саботата отворија оган врз ро-ро брод и тоа на 18 километри од турскиот југозападен брег на Бозџааде.
Товарниот брод „Анатолиан“ пловеше под знамето на Коморските Острови со 18 членови на екипажот, меѓу кои шест Египќани, четворица Сомалијци, пет Азербејџанци и тројца турски државјани.
Бродот е нападнат додека пловел во меѓународни води, соопшти Командата на турската крајбрежна стража.
„Веднаш по ова (инцидентот), политичарите во Грција ја обвинија Туркије за агресија. Што е тоа, ако не лицемерие? Затоа прашуваме, немаат ли огледало во својата куќа? Ако се погледнат во огледало, ќе ја видат вистината и можеби ќе се засрамат“, рече Акар.
Тој нагласи дека Грција се обидува да го искористи и искриви секој настан, да влијае на трети страни со лаги и клевети и да се жали од Туркије.
„Во оваа смисла, не е погрешно да се каже дека се води дволична политика“, рече Акар, додавајќи дека Туркије повикува на дијалог за мирно решавање на билатералните проблеми.