Sarp Özer
30 Ноември 2020•Ажурирај: 01 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, во врска со техничките разговори меѓу турските и руските воени делегации по договорот за Нагорно Карабах, рече дека активностите со Русија продолжуваат според планираното, јавува Агенција Анадолија (АА).
Под претседателство на Акар се одржа видео-конференција на која учествуваа началникот на Генералштабот на турската војска, Јашар Ѓулер, командантот на копнените сили, Умит Дундар, командантот на воздухопловните сили, генерал Хасан Кучукакјуз, командантот на морнарицата, Аднан Озбал, и замениците министри Јунус Емре Караосманоглу и Алпаслан Каваклиоглу.
Во рамките на прашањата за одбраната и безбедноста, на состанокот се дискутираше за случувањата во Источниот Медитеран, антитерористичките операции и преземените мерки во борбата против коронавирусот.
„Турските вооружени сили минуваат низ напорен период. Досега, со голем успех ги исполнивте задачите што ви беа дадени. Затоа упатувам честитки до сите вас. Се надевам дека отсега па натаму, ќе ги завршиме задачите што ќе ни бидат доделени со иста сериозност и искреност во дијалог и координација“, нагласи министерот Акар.
Тој потсетувајќи дека по прекинот на огнот во Нагорно Карабах, Турција и Русија потпишаа Меморандум за разбирање рече: „Работата со Русија продолжува како што беше планирано.“
Осврнувајќи се на претресот на турскиот трговски брод „РОСЕЛИН-А“ кој на 22 ноември беше запрен на отворени води, спротивно на меѓународното право, Акар рече: „На бродот имаше само хуманитарна помош. Направивме сè што треба да се стори во правните рамки и ќе продолжиме да правиме.“
Во врска со развојот на настаните во Источниот Медитеран, Акар рече:
„Ние не сме тие што ја зголемуваат напнатоста. Ние навистина се обидуваме да сториме сè што можеме за да ги решиме меѓусебните проблеми преку дијалог, добрососедски односи, со разговори и преговори. За жал, нашиот сосед тврдоглаво се воздржува од разговори, преговори и бара решенија на други врати. И покрај тоа што знаат дека не може да се најде решение на тој начин, сепак инсистираат. Прават грешка.“