Erdoğan Çağatay Zontur
23 Август 2020•Ажурирај: 23 Август 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати сочувство до семејствата на оние кои ги загубија животите во поплавите во североисточниот дел на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган издаде директиви за мобилизирање на сите средства за помош на лицата погодени од поплавите и за преземање неопходни мерки за тоа да не се случи повторно, се вели во соопштението на Турската канцеларија за комуникации.
Ердоган исто така доби информации за најновиот развој на настаните во подрачјето и за статусот на операциите за пребарување и спасување од министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, и од министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли, кои се на местото на настанот.
Сојлу соопшти дека поплавите во североисточната турска област Гиресун денес одзеле четири животи, меѓу кои и еден припадник на жандармеријата.
Претходно, турскиот министер, кој пристигна во поплавениот регион, изјави дека петмина припадници на жандармеријата и оператор на багер исчезнале откако се срушил подземен канал висок 5 метри поради поплавите во регионот.
Министерот рече дека најмалку 11 лица се пријавени за исчезнати, додека 127 лица се спасени. Затворени се и патиштата до 118 села.
Турското Министерство за одбрана соопшти дека хеликоптер на Турските воздушни сили е вклучен за пребарување и спасување во Гиресун.
Турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) соопшти дека екипи за спасување се испратени во Гиресун во првите минути од природната непогода.