Mümin Altaş
19 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
АНКАРА
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа денес изјави дека во Турција во текот на изминатите 24 часа се забележани малку повеќе од 1.000 случаи на заразување со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во земјата се регистрирани 1.022 нови случаи, со што вкупниот број на заразени изнесува 151.615, а додека бројот на активни случаи опадна на 34.521“, напиша Коџа на социјалната мрежа Твитер, цитирајќи ги податоците на Министерството за здравство.
„Постои очекуван пад во бројот на нови случаи. Опаѓа и бројот на пациенти на интензивна нега“, додаде тој.
Бројот на оздравени од Ковид-19 достигна 112.895, од кои 1.318 пациенти се оздравени во последните 24 часа.
„Бројот на оздравени пациенти е на очекувано ниво“, изјави Коџа.
Бројот на починати од пандемијата се искачи на 4.199, при што во земјата во последните 24 часа се потврдени 28 нови смртни случаи, најниската бројка од 29 март.
Турција во текот на изминатите 24 часа има спроведено 25.000 тестови, со што вкупниот број на направени тестови изнесува над 1,67 милиони.
Во моментот на интензивна нега се наоѓаат 882 пациенти.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се рашири во речиси 200 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 319.200 луѓе во светот, над 4,83 милиони се заразени, додека излекувани се 1,8 милиони, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.