Murat Temizer
14 Септември 2020•Ажурирај: 15 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Министерството за енергетика и природни ресурси на Турција нагласи дека враќањето на бродот за сеизмички истражувања „Оруч Реис“ во пристаништето во Турција е рутинска активност што секој месец се врши периодично, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Турското Министерство во соопштението објавено на Твитер потсети дека бродот „Оруч Реис“ ги започна своите активности за сеизмичко истражување во Медитеранот на 10 август.
Во ова соопштение се вели дека бродот досега собрал сеизмички податоци на терен од 3.525 километри.
„Во согласност со работниот принцип, Оруч Реис еднаш месечно се враќа на пристаниште за планирано одржување, промена на персонал и подготовка за мисии. Враќањето на бродот на пристаниште е рутинска активност, која секогаш ја реализира периодично за одржување и снабдување. По извршеното одржување и снабдување, бродот ќе продолжи со своите активности за сеизмички истражувања“, се истакнува во соопштението.
Според ова соопштение, Турција непрекинато ги продолжува своите активности за истражување и дупчење во Медитеранот врз основа на меѓународното право, а се нагласува дека бродовите „Јавуз“ и „Барбарос Хајредин“ продолжуваат со своите активности на Источниот Медитеран.