Zuhal Demirci
14 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Започна онлајн програмата за едукација за дата новинарство, што Агенција Анадолија и Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА) ја организираа за учесници од различни делови од светот.
А. Џихангир Ишбилир, директорот на Академијата за новинарство на АА, на отворањето изјави дека станува збор за прва едукација од новинарството заснована на податоци и најави дека и во периодот што следува ќе бидат развивани вакви програми.
„Неопходна е сериозна стручност за пронаоѓање податоци, собирање информации на теренот и спроведување нивни квалитетни анализи, за од сето тоа да се изработи вест. Овие денови податоците се користат и за политички манипулации и затоа е важно информациското новинарство“, рече Ишбилир.
Програмата „Дата новинарство“ е нова едукативна активност што Академијата на АА ја спроведува во онлајн форма во организација на АА и ТИКА.
Станува збор за дводневна едукација, во која учествуваат 30 новинари од различни делови на светот, вклучувајќи и новинари од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Кенија, Киргистан, Турската Република Северен Кипар, Косово, Либија, Узбекистан, Пакистан, Романија, Танзанија, Уганда и Украина.
Предавањата ги држат искусни новинари на Агенцијата Анадолија.