Gökhan Ergöçün
06 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
АНКАРА
Со оглед на тоа дека во Турција се ублажуваат рестриктивните мерки воведени во рамките на борбата против ширењето на Ковид-19, министерот за наука и технологија Мустафа Варанк вчера најави дека сите големи автомобилски фабрики во земјата ќе започнат со работа до 11 мај, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Голем дел од автомобилските фабрики веќе повторно го започнаа производството“, изјави Варанк на онлајн состанокот на Стопанската комора на Анкара.
Тој изјави дека и некои текстилни фабрики се враќаат во погон, и дека со нормализацијата на работата на трговските центри и обновувањето на извозните канали, тој сектор брзо ќе закрепне.
Поради глобалната пандемијата на Ковид-19 многу фабрики мораа да прекинат со производството поради рестриктивните мерки.
Варанк додаде дека Турција во главниот град Анкара ќе воспостави додатна лабораторија која ќе ги извршува тестирањата за Ковид-19 со капацитет од над 4.000 дневно.
Во Турција до вчера беа потврдени 3.520 смртни случаи од последиците на заразувањето со Ковид-19, додека 73.285 пациенти се излекуваа. Вкупно се регистрирани 129.491 заболен од Ковид-19.
Откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан, вирусот се рашири во најмалку 187 земји и региони во светот, покажуваат податоците на Центарот за податоци за коронавирусот при американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Во светот има над 3,7 милиони позитивни на тестот за Ковид-19, над 257.300 смртни случаи и над 2 милиони оздравени пациенти.