Hüseyin Yıldız
09 Јануари 2021•Ажурирај: 11 Јануари 2021
ИГДИР (АА) - Хусеин Јилдиз -
Езерото Балик, едно од најголемите езера во Турција, посебно во зимскиот период, кога поради ниските температури се заледува неговата површина, претставува вистински дар на природата и ги воодушевува посетителите кои уживаат во исклучително интересно искуство.
Езерото се наоѓа во источна Анадолија, во која екстремните зимски услови не се нешто непознато, на границата на провинциите Игдир и Агри.
Оваа природна оаза сместена е на височина од 2.241 метар и се смета за едно од највисоките езера во Турција. Сепак, посебна магија покажува во зимскиот период, кога се заледува неговата површина.
Жителите од околните подрачја, но и посетителите кои сакаат да уживаат во недопрената природа, се движат по површината на езерото и со фотографија го овековечуваат моментот.
И околните рибари, поучени од поранешните искуства и животот во овие предели, го кршат ледот на површината на езерото користејќи ја „ескимската техника“ на риболов.
Кемал Артан, старешина во селото Танжолу, сместено на брегот на езерото, во разговор за Агенција Анадолија (АА) рече дека езерото ги воодушевува секој пат.
Се смета дека сите што не го посетиле треба да го направат тоа.
„Нашето езеро е заледено. Времето е многу пријатно. Некои луѓе одат по површината на езерото, секој би требало да ја види оваа убавина“, рече Артан.
Тој наведува дека жителите без страв се движат по заледената површина.
„Кога странците доаѓаат се плашат и се прашуваат дали ледот би можел да пукне. Не може, ние го знаеме тоа. Знаеме која е дебелината на ледот, каде може да пукне, а каде е изворот на водата“, појасни Артан, додавајќи дека езерото е исклучително чисто и дека тоа е една од карактеристиките што ги привлекуваат посетителите.
„Луѓето доаѓаат и го фотографираат езерото, се движат со помош на лизгалки. Рибарите го кршат ледот и ја ловат рибата. Ловат за да се прехранат, но и да заработат. Посетителите покажуваат и големо внимание кон рибарите кои го кршат ледот и така ловат. Ова е рај на земјата, секој би требало да го посети“, рече Артан.